Апел: Почитувајте ги мерките, држете дистанца и не се групирајте

Премиерот Зоран Заев денеска апелираше за време на претстојни празници да се почитуваат мерките, да нема турканици, да не се биде во групи, да се држи растојание и да бидеме на отворено.

Истото тој го очекува и од верските лидери, од поглаварите на МПЦ, на Исламска верска заедница, но и од поглаварите на помалите верски заедници, да апелираат и да учествуваат во организацијата, како и што било зборувано на состаноците, за да можеме да ги празнуваме празниците, но и да го заштитиме здравјето и животот свој и на сите околу нас.

Ова е одговорот од премиерот Заев на новинарското прашање колку е мудро олабувувањето на мерките за време на претстојните празници.

Лично, Заев ќе биде во Струмица, а по повод 1 Мај, како што информира, е учесник во организација на крводарителска акција што треба да се одржи за време на празниците, заедно со Трансфузиологија Струмица.

„Велигденските празници ќе ги поминам во кругот на семејството“, рече Заев.

Претседателот на Владата повика за 1 Мај и за другите празници да ги избегнеме затворените објекти.

„Кога ќе ги славиме празниците, кога ќе видиме дека има групирања, не е доволна дистанца, веднаш да се повлечеме. Може свеќа за Велигден да запалиме пред нашата зграда, куќа, надвор на отворено вечерта на полноќ кога ќе го дочекаме големиот христијански празник Велигден, но и сите други празници. Со почитување на мерките одговорно да го заштитме своето здравје и здравјето на сите граѓани“, рече Заев.

Тој истакна дека аспектот на почитување на традицијата поврзано со верата и религијата е важна работа затоа што е дел од нашиот секојдневен живот, социјален живот и нашиот севкупен начин на живеење, треба да го почитуваме, но секако,  потенцира, треба да си го заштитиме здравјето и животот.

Информираше дека бројките поврзани со корона вирусот паѓаат и оцени дека мерките навремено донесени на почетокот на април дадоа резултат. Тие мерки, подвлече, биле осмислени за навремено да се повлечат ваквите чекори, со конечна цел, рече Заев, нашиот народ што е поприлично со верска определба, да ги слави и верските празници, но и празникот на трудот 1 Мај.

„Верувам дека граѓаните се свесни за состојбата, загубивме луѓе блиски околу нас, членови на нашето семејство, пријатели и сите сфативме колку е навистина продорна оваа криза и дури и ги одзема човечките животи ќе не стави во одговорна позиција“, изјави

Заев.