Бајден по доаѓањето во Британија: „САД не сака конфликт со Русија“

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека Соединетите Американски Држави не бараат конфликт со Русија, но дека ќе одговорат на „силен и суштински начин“ ако руската влада би се впуштила во, како што наведе, штетни активности.

Бајден ова го рече по пристигнувањето во Велика Британија, на почетокот на осумдневната турнеја по Европа, пренесе Ројтерс.

Тој додаде дека Вашингтон ќе ја потврди челично солидната посветеност на трансатланскиот сојуз.

Ние не бараме конфликт со Русија. Ние сакаме стабилен и предвидлив однос, ако сум јасен. САД ќе одговори на силен и значаен начин ако руската влада почне да се занимава со какви било штетни активности“, рече американскиот претседател обраќајќи им се на американските војници и на нивните подофицери во воената база во Милденхол.

Бајден ќе го посети и приморското село на југозападот на Британија, Корнвол, каде што се одржува самитот на групата Г-7 и на кој најверојатно ќе се разговара за вакцинацијата, трговијата и климатските промени.

Како што се наведува, Бајден може да се соочи со притисок да направи повеќе на делењето на американската вакцина и снабдувањето на други земји после почетниот залог од 20 милиони дози најавени минатата недела.

После три дена на самитот на групата Г-7, Бајден и неговата сопруга Џил ќе ја посетат кралицата Елизабета во дворецот Виндзор, а после тоа, ќе отпатува за Брисел на разговори со лидерите на НАТО и Европската унија.

Своето патување по Европа, Бајден ќе го заврши со посетата на Женева каде ќе се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, на 16 јуни.