Бајден се откажа од санкции за „Северен тек 2“

Американскиот претседател Џо Бајден се откажа од преземање санкции против компанијата која стои зад гасоводот „Северен тек 2“, затоа што проектот е речиси завршен и затоа што таква одлука би можела да им наштети на односите со европските партнери.

Бајден, којшто се подготвува за својата прва посета на Европа и за првиот состанок со рускиот претседател Владимир Путин следниот месец, им изјави на новинарите дека се противел на новиот гасовод уште од неговиот почеток, но дека санкциите се запрени затоа што тој проект е речиси завршен во времето кога тој стапи на должност претседател на Соединетите Американски Држави, во јануари годинава, пренесува Ројтерс.

Тој објасни дека американската администрација не е во позиција да и дозволува или да и забранува на Германија завршување на проектот со Русија и дека наметнувањето какви било санкции во таа смисла ќе ги наруши односите меѓу САД и европските партнери.

Бајден, чиј единствен фронт е насочен кон Русија и Кина, на овој начин сака брзо да ги поправи врските со Германија и другите клучни сојузници кои беа нарушени во текот на владеењето на Доналд Трамп.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека во вторник очекува продолжение на разговорот со САД за проектот на гасоводот „Северен тек 2“, откако администрацијата на Бајден се откажа од спроведување санкции за компанијата која стои зад неговата реализација.

Минатата среда американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, потврди дека нема да има какви било санкции против „Северен тек 2 АГ“ и нејзиниот извршен директор Матијас Варнига и дека таа одлука е од национален интерес за Америка.

Проектот „Северен тек 2“, кој во овој момент е завршен 95 отсто, подразбира изградба на два крака на гасоводот, чиј вкупен капацитет ќе изнесува 55 милијарди кубни метри гас годишно, од брегот на Русија, под Балтичкото море, до Германија.

Во изградбата на гасоводот учествуваат бројни европски компании.