Бајден: „Ќе бидеме солидарни против руската агресија. И точка!“

LinkSense.mk

„Руската војна е за згаснување на правото на Украина да постои како држава, а Украинците како народ“, рече вчера американскиот претседател Џозеф Бајден пред светските лидери собрани на 77. Генерално заседание на Собранието на ОН во Њујорк, меѓу кои не беше оној на кого жестоко му се обраќаше, Владимир Путин.

Американскиот претседател најголемиот дел од својот говор го посвети на осудата на една земја и еден човек, Русија и Путин, додека, наспроти тоа, себе си се претстави како миротворец. А, и за Америка истакна дека е посветена на мирот во светот. Рече дека Русија „бесрамно ги прекршила суштинските принципи на повелбата на Светската организација со брутална и непотребна војна“, дека само таа го сакала конфликтот и дека во прашање е „војна за еден човек“.

„Непосредно пред да изврши инвазија, Путин тврдеше, цитирам: ‘Русија ја создаде Украина’ и никогаш не ја наведе ‘вистинската државност’.

А, сега гледаме напади на училишта, железнички станици, болници… уште пострашни докази за руските воени злосторства“, рече Бајден.

Ја отфрли употребата на насилство и војна за „проширување на границите преку крвопролевање“. Тврдеше дека Америка сака оваа војна да заврши под „праведни услови што сите ги потпишавме, дека не може по свој избор да окупирате територијата на една нација.“

„Единствената земја што на тоа му стои на патот е Русија“ заклучи тој.

Бајден, на крајот, ги повика сите држави, без разлика дали се демократии или автократии, да се изјаснат против руската „инвазија“ и да ги поддржат напорите на Украина да се одбрани.

„Ќе бидеме солидарни против руската агресија. И точка!“, заклучи Бајден.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: „Анадолу Агенси“)