Казахстан, според новиот нацрт-закон, би можел да почне со хируршко отстранување на гениталиите на најлошите престапници педофили, пишува Дејли Мејл.
Тоа е најавено после жалбите на пратениците дека системот за хемиска кастрација, еден од најстрогите во светот, не ги одвраќа сторителите на сексуалните престапи над децата.
Елнур Бејсенбаев, заменик и извршен секретар на владејачката партија Аманат, рече дека владата е „без кичма“ и дека им угодува на педофилите затоа што не инсистирала на „хируршка кастрација“.
„За жал, сексуалните злосторства врз децата се случуваат сè почесто“, рече тој, сугерирајќи на тоа дека хемиската кастрација, која го намалува машкото либидо со вбризгување антиандрогени лекови, не е ефикасна.
„Со пуштањето на силувачот на слобода му дозволуваме да го повтори делото“, додаде тој.
Еркезан Нурмакан (5) била намамена во куќа на педофил откако тој и понудил пари за сладолед.
Убиецот Саидолим Гаџибназаров (48), кој претходно бил осудуван, осуден е на доживотен затвор и хемиска кастрација.
„Владата вели дека нашиот амандман за хируршка кастрација на педофилите ги крши човековите права“, рече пратеникот, татко на четири деца, кој има намера да продолжи да врши притисок за новиот закон.
„Не предлагаме тоа да се применува на сите педофили, но би сакале на судовите да им дадеме опција за хируршка кастрација. Нашата влада ја покажува својата непостојаност со тоа што не одобрува хируршка кастрација, како да ги кршиме правата на педофилите, бидејќи педофилите се луѓе. Верувам дека тие не се луѓе“, истакна Бејсенбаев.
Тој зборуваше за уште еден случај каде што „татко од Алмати кој две години ја силувал својата ќерка добил само 20 години затвор“.
За тоа рече: „Ова е глупост. Криминалците како него треба да се соочат со доживотен затвор и медицинска кастрација“.
И додаде: „Ова (хируршката кастрација) е превентивна мерка. Испраќа порака до сите педофили и други слични криминалци, дека ова грозоморно злосторство ќе резултира со физичка кастрација по судски налог.
Казахстан веќе неколку години спроведува програма за принудна кастрација на педофилите.
Сексуалните злоставувачи на деца беа прикажани на казахстанската телевизија како зборуваат за нивните искушенија по присилната кастрација.
Еден рече: „Знам дека тоа е лошо за моето тело. Знам дека тоа ќе влијае на моето здравје во иднина.“
Друг рече: „Сега ми е жал што направив такво злосторство“.
Сепак, има и критичари на таквиот однос кон нив.
Дина Тансари, активистка за човекови права, вели дека педофилите остануваат опасни по ослободувањето дури и после хемиската кастрација.
„Неказнувањето води до нови злосторства. Ниту една хемиска кастрација нема да помогне… Мораме да го земеме предвид фактот дека лекот што се користи во оваа постапка многу лесно се отстранува од телото. Лекарите велат дека неговите ефекти може да се неутрализираат со алкохол. Верувам дека ова е само трошење на јавните средства“, рече таа.
Заменик министерот за внатрешни работи, Игор Лепика, изјави дека хируршката кастрација е „контроверзна“.
„Во смисла на етиката и човечката страна на проблемот, тоа е навистина многу комплицирано. Покрај тоа, зборуваме за тоа дека тие криминалци се доживотно затворени, така што ваквата кастрација нема смисла“, посочи тој.
(Фото: Илустрација)







