Берлин ги прогласи Алжир, Мароко и Тунис за безбедни земји

LinkSense.mk

Членовите на германската Влада постигнаа согласност да ги вклучат северноафриканските држави Мароко, Тунис и Алжир на списокот земји кои се доволно безбедни за во нив да бидат вратени одбиените баратели на азил.

Покрај овие три држави што се наоѓаат на една од главните рути за мигранти кон Европа, германската Влада реши истиот статус да и го додели и на Грузија.

Предлогот треба да биде одобрен од Парламентот пред германската полиција да може да депортира одбиени баратели на азил од овие држави.

Опозициските партии Левица и Зелените беа против предлогот, велејќи дека посочените африкански држави се опасни за новинарите, припадници на етничките малцинства и за хомосексуалците кои бараат азил во Германија.

Германската Влада неодамна се соочи со сериозна политичка криза околу прашањето на миграцијата.