Беровската библиотека „Народна просвета“ ги прогласи најдобрите читатели за 2020 година

Беровската библиотека „Народна просвета“, која работи во состав на Домот на културата „Димитар Беровски“, ги прогласи најдобрите читатели за 2020 година и на најредовните им додели награди и пофалници.

За читатели на годината се прогласени Петар Ружински и Зорица Ризовска, кои според статистиката на Библиотеката во изминатата година имаат најмногу позајмени книги.

Во знак на благодарност им се доделени пофалници и книги, истакна Звонко Скендерски од Библиотеката, порачувајќи читателите да продолжат да читаат, а дека установата ќе набавува нови наслови за да ги услужува.

Матичната народна библиотека „Народна просвета“ во Берово е формирана во 1948 година и располага со над 50 000 книги. Поради  пандемијата со Ковид-19, библиотеката годинава имаше помалку настани од предвиденото.