БЕСА не го сака Тарчуловски во Собрание

Движењето БЕСА на конститутивната седница побара од пратениците да не го верификуваат мандатот на Јохан Тарчуловски.

Мандатите на новиот собраниски состав, сепак, на сите до еден беа верификувани.

Пратениците од БЕСА не гласаа, а пратениците од ДПА не се појавија на седница.

„Загрижен сум што денеска во Собранието станува пратеник и некој кој што од Хашкиот суд беше осуден за злосторство кон албанските цивили во 2001 година. Апелирам до ова Собрание да не го верификува мандатот на овој пратеник“, рече Зеќирија Ибрахими, пратеник од БЕСА.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски одговори дека доколку се направи список кој кому не му се допаѓа во Собранието тој список би бил многу долг и посочи дека Собранието е составено од волјата на граѓаните.

„Изборната кампања заврши. Тоа беше период во кој што можеше да се даваат политички квалификации. Собранието има одговорност пред сите граѓани да работи конструктивно, и пратениците да се научат да разговараат помеѓу себе и да ги наоѓаат работите кои ги поврзуваат“, рече Димовски.

Трајко Вељаноски којшто претседаваше со седницата, рече дека не е прашање дали некому му се допаѓа или не тоа што некој е пратеник и му се верификува мандатот, туку тоа е волја на избирачите.