Ко-основачот и филантроп на Мајкрософт, Бил Гејтс, смета дека паузата во развојот на вештачката интелигенција, на која повикуваат шефот на Твитер, Илон Маск, и повеќе од 1.000 експерти, не е решение за предизвиците што ги носи технологијата.
Гејтс во интервју за „Ројтерс“ вели дека не е јасно како паузата во развојот на вештачката интелигенција ќе функционира на глобално ниво и сугерира на тоа нејзиниот потенцијал да се искористи на најдобар можен начин.
„Вештачката интелигенција носи голема предност, тоа е јасно, но мораме да ги идентификуваме подрачјата, кои би можеле да бидат проблематични.
Не разбирам кој би можел да го спречи развојот на вештачката интелигенција. Дали секоја земја би се согласила на прекин?“, рече Гејтс, додавајќи дека постојат многу различни мислења на оваа тема.
Ова е прв јавен коментар на Бил Гејтс за отвореното писмо на Илон Маск и групата експерти за вештачка интелигенција и индустриски директори кои повикуваат на најмалку шестмесечна пауза во развојот на вештачката интелигенција.
Потписниците на отвореното писмо, кое го објави непрофитниот институт „Иднината на животот“, бараат мораториум на развојот на вештачката интелигенција додека не се постигнат заеднички безбедносни протоколи за такви достигнувања, пренесе британската агенција.
„Моќните системи за вештачка интелигенција треба да се развиваат само кога сме уверени дека нивните ефекти ќе бидат позитивни и кога можеме да управуваме со ризиците што ги содржат“, се вели во писмото.







