„Бионтек“ годинава очекува 17 милијарди евра приход од вакцини

LinkSense.mk

Германскиот производител на вакцини „Бионтек“ денеска објави дека позитивното работење во периодот од јануари до октомври годинава, главно со продажба на вакцината против ковид-19, треба да му донесе до 17 милијарди евра приход.

Во третиот квартал „Бионтек“ оствари нето добивка од околу 3,2 милијарди евра, додека во истиот период минатата година забележа загуба од близу 210 милиони евра, покажува финансискиот извештај.

Приходите на компанијата од јули до септември рипнаа на речиси 6,1 милијарди евра, наспрема 67,5 милиони евра остварени во истото време лани. Скокот на приходите е резултат од рапидното зголемување на снабдувањето и продажбата на вакцините против корона вирус на глобално ниво кое германската биотехнолошка фирма го разви во соработка со американската „Фајзер“.

Во првите девет месеци оваа година приходот на „Бионтек“ достигна 13,44 милијарди евра, наспрема нешто помалку од 140 милиони евра остварени меѓу јануари и септември минатата година. Нето добивката во споменатиот период достигна 7,1 милијарда, наспроти загубата од 352 милиони евра во исто време во 2020 година, покажува финансискиот извештај.

Компанијата годинава очекува приход од вакцините против ковид-19 меѓу 16 и 17 милијарди евра, врз основа на планираните и договорени испораки до 2,5 милијарди дози. Во август приходот беше проценет на 15,9 милијарди евра врз основа на, до тогаш, договорените испораки од 2,2 милијарди дози.