Битиќи: Ефектот од дадената економска помош е 100 отсто

„Дилемата дали се доволни мерките што вчера ги понудивме со шестиот пакет економски мерки за помош за справување со последиците од ковид кризата секогаш останува. Истата дилема ја имавме на почетокот на кризата, ја имаме и денеска, а веројатно и после година дена ќе зборуваме дали мерките се доволни затоа што е квалитативна и субјективна оценка“, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Четирите пакети коишто Владата ги донесе минатата година покажале дека ефектите биле видливи кога умешно се испланирани и таргетирани примателите на помошта.

Минатата година била завршена со пад од минус 4,5, а без помошта која што ја дала Владата падот би бил 8,7 проценти.

„Тоа е суштинска разлика. Направивме ефект од 100 отсто од тоа што сме го дале“, рече Битиќи.

Според него, тоа е пример како една Влада соодветно би требало да постапи.

„Секако не можеме да се мериме со другите земји. Ги следиме состојбите, ќе ги поддржиме сите сектори коишто се погодени во одреден момент и ќе им помогнеме заедно да ја поминеме економската криза. Покажуваме дека и во период на криза има компании коишто влегуваат во инвестициски циклус и ние воопшто не се колебаме дали тие треба да бидат поддржани. Ќе продолжиме уште повеќе да ги поддржуваме сите коишто сметаат дека заедно со вистински чекори можеме да излеземе од кризава“, посочи Битиќи.

Тој потенцира дека има доволно средства за да се направи тоа ако се знае како успешно да се менаџираат парите на граѓаните.