„Боинг“ укинува стотици инженериски работни места

Американскиот производител на авиони „Боинг“ ќе укине стотици работни места за инженери за цивилна авијација поради намалување на продажбата, изјави денеска Даг Алдер портпарол на таа компанија.

Како што наведе Алдер, намалувањето на бројот на вработени кој ќе вклучи и менаџери ќе биде спроведено по пат на доброволни заминувања и во некои случаи и директни отпуштања.

Оваа мерка на штедење која стапува на сила на 23 јуни на прво место ќе ги погоди производните погони на „Боинг“ во сојузната држава Вашингтон.

Компанијата е главен приватен работодавец во таа северозападна американска држава каде што има 70.000 вработени и го произведува авионот 737 МАКС.

Боинг“ на почетокот на оваа година веќе укина 305 работни места за инженери и 1.500 за механичари во рамки на планот за доброволно заминување. Предвидени се и други укинувања на работни места кои би требало да бидат објавени до крајот на годината.

За една година „Боинг“ ја намали работната сила за 7,6 отсто.

Компанијата за производство на авиони моментно вработува 146.962 лица.