Британското стопанство забележа пад веќе во третото тримесечје, а во следната година активноста ќе падне за 1,4 отсто, бидејќи високата инфлација и зголемените каматни стапки ќе ја закочат побарувачката, прогнозираше вчера државниот економски институт.
Канцеларијата за буџетска одговорност (ОБР) благо ја зголеми проценката за растот во оваа година, од прогнозираните 3,8 отсто во март на 4,2 отсто.
Во наредната година сега очекува пад на БДП за 1,4 отсто. Во март прогнозираа 1,8 отсто раст на активноста.
Рецесијата почна веќе во третото тримесечје со пад на активноста од 0,2 отсто, а треба да трае нешто повеќе од една година поради послабата побарувачка која ќе биде забавена од високата инфлација и зголемените каматни стапки, прогнозираат од ОБР.
Инфлацијата годинава ќе достигне 9,1 отсто и ќе се спушти на 7,4 отсто во 2023 година, пресметаа тие.
Нагласуваат дека поради ограничениот увоз на руски гас, големопродажните цени на овој енергенс во Европа се десет пати повисоки отколку што беа пред пандемијата, а пазарите сега очекуваат дека на среден рок ќе останат четири пати повисоки.
Доколку, велат, Владата не дадеше поддршка за домаќинствата и компаниите, рецесијата ќе била подлабока за 1,1 процентен поен.
Во 2024 година, според нивните пресметки, БДП би требало повторно да порасне, за 1,3 отсто, благодарение на пониските цени на енергијата и поблагата инфлација.
Институтот требаше да објави прогнози и во септември, но објавувањето беше одложено поради мини-буџетот на Министерството за финансии, со кое тогаш раководеше Кваси Квартенг.