Последниве денови полека се намалува бројката на новодијагностицирани случаи позитивни на коронавирус, но и бројот на лица кои се на болнично лекување. Се регистрираат и голем број оздравени лица, често пати повеќе од бројката на новозаразени. Но, сепак, и покрај ваквата тенденција на благо смирување на пандемијата, речиси секојдневно се регистрираат по дваесеттина починати. Надлежните постојано апелираат на почитување на заштитните мерки и препораки, особено во пресрет на претстојните новогодишни и божикни праници. Се интензивираат апелите за совесно прославување, без големи групирања и загрозување на јавното здравје.
Министерот за внатрешни работи информира дека полицијата деновиве растурила неколку забави.
– Во саботата се случи растурање на забава во Волково, при што беа приведени 29 лица. Ист таков настан имаше во Куманово, каде што беше растурена семејна веселба. Така што, одговорно и посветено ќе постапуваме и за новогодишната ноќ. Апелирам уште еднаш до граѓаните да прославуваат одговорно. Сите заедно треба да придонесеме да спречиме ширење на вирусот, потенцира Спасовски.
Министерството за здравство вчера информира дека во последните 24 часа се направени 1253 тестирања, а регистрирани се 296 нови случаи на инфицирани со коронавирусот. Починати се 18 лица, а оздравени 511 пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците низ земјава е 1036, од кои во Скопје се 426.
Во ковид-центите има околу 320 празни болнички кревети .