Бугарија ја блокираше преговарачката рамка за С. Македонија, ЕУ не се откажува

Како што се очекуваше Бугарија стави вето за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, и со тоа го попречи носењето одлука и за Албанија, германското претседателство меѓутоа уверува дека стартот на процесот е прашање само на време, јави дописничката на МИА од Брисел.

За министерот за европски работи на Германија, и претседавач со ЕУ до крајот на оваа година, ова вето претставува и лично разочарување, и загрозување на безбедноста на целиот регион, па и на Европа на долг рок, изјави Михаил Рот пред и после вчерашниот министерски совет на ЕУ.

-Европската Комисија предложи преговарачка рамка, прашањето е кога, а не дали таа ќе биде усвоен, би сакал да испратам малку оптимизам, само една земја не се согласи за преговарачката рамка, а таа рамка мора да биде прифатена од сите земји членки на ЕУ и од Северна Македонија, прилично сум сигурен дека нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат, рече Михаил Рот на прес конференцијата вчера.

За него прашање на време е кога ќе се одобри преговарачката рамка за Северна Македонија, тој смета и на португалското претседателство, иако останува нејасно на што го темели својот оптимизам и дали има знаци од Софија дека владата таму би попуштила.

-На мое огромно разочарување не постигнавме согласност за преговарачките рамки ниту за заклучоците на Советот за проширувањето, ова е горчлив удар за нашата политика кон Западниот Балкан чија цел е да се поттикне стабилност и демократија на Западниот Балкан, но ЕУ останува посветена да се постигне согласност во наредните денови, најдоцна за време на португалското претседателство, изјави Рот.

За ЕУ нема дилема дека Северна Македонија припаѓа во Европската Унија, потврди германскиот министер.

Нема потреба од план Б за Северна Македонија, прашањето е само кога, и сигурен сум дека ќе се надмине ова. Ова за мене е и лично разочарување, како и за самата канцеларка (Меркел), ние сме посветени, но не бевме доволно успешни, почувствував огромна поддршка од другите земји членки, а португалското претседателство рече дека ќе се заложи. Можете да сметате на поддршката на федералната влада на Германија дека ќе продолжи да притиска, рече германскиот министер за Европа.

Рот со своите изјави остави простор за можен компромис до крајот на оваа година, иако шансите се многу мали. Сепак, на крајот на оваа недела треба да се одржи самит на лидерите на ЕУ каде канцеларката Ангела Меркел ќе има повторно прилика да разговара со својот сопартиец од Европската народна партија, бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Дипломати во Брисел изразуваат надеж дека оваа средба би можела да вроди со некаков плод.

Но, во Европската народна партија и натаму се молчи на оваа тема, нејасно е дали е тоа тактика или незаинтересираност.

На прашање кој е ставот на ЕПП, најголемата политичка партија во ЕУ и највлијателна во сите институции на ЕУза блокадата на преговорите со Северна Македонија, од нивната прес служба за МИА вчера кусо одговорија “немаме коментар“.

На 10 декември во Брисел ќе се одржи првата дебата за извештајот на Европскиот Парламент за Северна Македонија, на која треба да учествува министерот за надворешни работи, Бујар Османи.