Бугарскиот европратеник Ќучук тврди: „Местото на Македонија е во ЕУ!“

„Верувам дека Европската унија ќе ја потврди јасната перспектива за Западен Балкан на Самитот во јуни. Важно е регионот да биде активно вклучен на конференцијата за иднината на Унијата. Од тоа најголема добивка ќе имаат младите луѓе“, рече меѓу другото бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, известувач за Македонија во Европскиот Парламент, во изјава за ТВ Сител.

Прашан какви последици може да има можното раздвојување на Македонија и Албанија, по регионот, ЕУ и по двете земји, тој одговори – многу тешки. Смета дека Македонија и Албанија треба да одат заедно, „во пакет“, да се стимулираат реформите, а од друга страна да се даде јасна перспектива за целиот регион.

„Од таквиот спор сите губат“, и Македонија и Бугарија и самата ЕУ. Има дефицит на доверба, и затоа треба да се вратиме кон тоа што ја создава довербата, а тоа е Договорот од 2017 година, оцени Ќучук.

Според европратеникот, комуникацијата помеѓу двете држави треба да тече и помеѓу невладините организации, интелектуалните претставници, Универзитетите, новинските агенции, за да можеме, како што рече, да се запознаеме едни со други.

„Верувам во поврзувањето и тоа инфрструктурно, дигитално, културно и меѓучовечко, а за да се стигне до таа точка разговорот треба да биде поддржан“, истакна Ќучук.

Тој смета дека бугарската Влада може да определи екипа од луѓе или претставник на ниво на Владо Бучковски и да се водат тие разговори, не за историските прашања, туку во смисла на подготовка на средината на донесување на важно политичко решение.