БУГАРСКО-МАКЕДОНСКИ ТЕНЗИИ: Правата на Бугарите во Македонија, повторно тема во Софија

LinkSense.mk

Службениот бугарски министер за надворешни работи, Николај Милков, кој вчера не се појави во Народното собрание на закажаното реферирање за случајот Пендиков, тоа треба да го направи денеска, но пред собраниската Комисија за надворешна политика.

Милков и бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, ќе говорат на тема „Правата на Бугарите во Македонија, ескалацијата на манифестации и кривични дела од омраза против нив, и случувањата во билатералните односи“.

На седницата ќе се говори и на тема „Предлог-декларација во врска со агресивната антибугарска хистерија во Македонија“, иницијатива поднесена од Костадин Костадинов и група пратеници.

Бугарија пред два дена го повика Ангелов на консултации во Софија, а како причина за „неговото привремено враќање“ во земјата ја наведе „сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Македонија и ескалацијата на актите и злосторствата од омраза против нив во последните месеци“.

„Кога амбасадор е повикан на консултации во сопственото МНР, тоа е знак за постоење на проблем во билатералните односи“, вели Ангел Димитров, поранешен бугарски амбасадор во Македонија и актуелен копретседател во заедничката Комисија за историски и образовни прашања.

Запрашан за изјавата на македонскиот претседател, Стево Пендаровски, за лицата на кои не треба да им биде дозволен влез во Македонија заради поврзаност со руската разузнавачка служба, Димитров одговори дека не ја слушнал изјавата.

„Навистина не знам што точно има предвид Стево Пендаровски, не сум слушнал што кажал. Но, да се претстават проблемите со Бугарија како некакво руско мешање, ми звучи безумно, неверојатно“, изјави Димитров.

Минатата година, и тогашниот бугарски премиер, Кирил Петков, изјавуваше дека „има руски агенти кои работеле против бугарското разбирање со Македонија, со цел да нема европска иднина за Западен Балкан“, а од земјата беа протерани голем број руски дипломати.

Додека времетраењето на престојот на амбасадорот Ангелов во Софија треба да биде лакмус за тамошната оценка за степенот на нарушувања во билатералните односи, на сцена се конкретни потези. Дељан Георгиев, градоначалник на софискиот реон „Изгрев“ каде се наоѓа и македонската амбасада, ја откажал првата протоколарна средба со амбасадорката на Македонија закажана за петок.

Шефот на делегацијата на бугарските социјалисти во Европскиот парламент, Петар Витанов, кој вчера во Брисел остварил средба со амбасадорот на Македонија во Европската унија, Зулфи Исмаили, најавил дека бугарските социјалисти ќе инсистираат охридскиот инцидент да биде вклучен во годишниот извештај за проширувањето.

„Ваквите сериозни инциденти ја саботираат работата на политичарите од двете страни на границата и го забавуваат процесот на интеграција и пријателство меѓу нашите две земји“, се вели во соопштението што го пренесуваат бгарските медиуми.

 

 

 

 

 

 

 

(Извор: „Дојче Веле“)