Будно се следи состојбата со коронавирусот во градинките, ќе се носат одлуки заедно со локалните власти

Од моментот на отворање на градинките на 9 септември, досега има вкупно 18 деца и 55 вработени позитивни на коронавирусот.

Во моментот, во изолација се вкупно 309 дечиња и околу 50-тина вработени.

Бројот на заболени деца и вработени во градинките во последните две недели се зголемува, но генерално нивната здравствена состојба е добра.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, трендот е ист како и епидемиолошката состојба во земјава.

Во периодот од 6 до 19 октомври регистрирани се шест дечиња и 21 вработен позитивени на вирусот.

„Здравствената состојба на сите што досега беа позитивни дечиња и вработени е добра. Немаме хоспитализација, освен оние две што претходно се завршени. На голем дел периодов им заврши изолацијата така што генерално здравствената состојба на децата и вработените во градинките е добра“, изјави Шахпаска.

Вели состојбата се следи и ќе се носат одлуки во консултација и соработка со здравствените и локалните власти.

„Будно се следи состојбата. Ќе носиме одлуки заедно со локалните самоуправи затоа што не секаде епидемиолошката состојба е иста. Најважен капитал е здравјето на граѓаните и на најмладите“, рече Шахпаска, одговарајќи дали се размислува за затворање на градинките.

Во меѓувреме, коронавирусот ја затвори најмалата градинка со 20 деца во Прилеп, а уште 15 деца се во изолација од друга градинка.

Градинката кај Работничкиот универзитет е затворена и 20-те деца се пратени во изолација зашто позитивни на коронавирусот се две негувателки.

Во изолација од оваа градинка се и осумте члена на персоналот.

Градинката е дезинфицирана и треба да проработи по дваесетина дена.

Детските градинки почнаа со работа на 9 септември под строги здравствени протоколи.

Според протоколите, групите од 2 до 6 години имаат најмногу 15 деца, а за оние до 2 години најмногу 12 деца.

На децата и на вработените при влез во градинката им се мери температура, а вработените задолжително носат маски.

Внатре во градинките престојот на децата се организира на начин да се избегне
меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите и на секои два часа да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите.