Помладите од 60 години нема да се вакцинираат со „Астра Зенека“

По разгледување на ставот на Одборот на Европската агенција за лекови (ЕМА) во врска со безбедноста на вакцината на „Астра Зенека“, донесовме став во нашата земја таа вакцина да не се дава на лица помлади од 60 години, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој истакна дека за ставот на ЕМА во врска со безбедноста на вакцината на „Астра Зенека“ разговарал со членовите на работната група за имунизација и со повеќе директори на клиники.

После евалуацијата на сите тие несакани ефекти во форма на тромботични состојби посебно кај млади луѓе Одборот излезе со две препораки – првата е дека тие несакани тромботични ефекти треба да влезат во упатството на самата вакцина и второ дека секоја држава треба да заземе став во однос на тоа како ќе се користи вакцината.

Согласно тоа по утринските консултации донесовме став во нашата земја вакцината на „Астра Зенека“ да не се дава на помлади лица од 60 години, рече Филипче.

Министерот посочи дека за тие што веќе добија една доза вакцина на „Астра Зенека“, а тоа се луѓето кои се вакцинираа во Србија, нема никакви препораки за каква било претпазливост, освен ако имаат некакви симптоми да се јават на контрола и преглед на лекар.

Во однос на ревакцината со оглед на тоа што треба да дојде за период од три месеци засега нема некаков став, а ќе ги следиме и насоките од ЕМА и од други национални агенции и во текот на следниот период ќе заземеме став и во однос на ова прашање, додаде Филипче.

 

 

МИА