„Вакцините нè доближуваат“ – Европска недела на имунизација

Под мотото „Вакцините нè доближуваат” денеска почнува одбележувањето на Европската недела на имунизација.

Министерството за здравство и канцелариите на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за децата на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во Македонија истакнуваат дека вакцинацијата е јавно добро со кое му се помага на општествотo, се заштитува здравјето на населението и се спасуваат човечки животи.

Преку годинашното одбележување на Европската недела на имунизација во Македонија се сака да се подигне свеста за вредноста на имунизацијата, нагласувајќи ја важноста на безбедноста и ефикасноста на вакцините против КОВИД-19, меѓу другото и заради заштита на здравствените работници и ставање крај на пандемијата.

„Јавноздравствените и социјалните мерки помагаат да се забави ширењето на вирусот, но вакцинацијата против КОВИД-19 е алатката од витално значење за ставање крај на пандемијата и во тој контекст вложуваме максимални напори за да обезбедиме вакцини за целото население“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Напорите на планот на имунизацијата, неведува Филипче, опфатија и партнерска соработка со УНИЦЕФ и СЗО во областите на изготвување на национален план за вакцинација за КОВИД-19 и надминување на предизвиците во врска со обезбедувањето вакцини и нивно чување и друга логистика.

„Имунизацијата е водечка иницијатива на Програмата за работа на Kанцеларијата на СЗО за Европа за периодот 2020–2025 година насловена „Обединета акција за подобро здравје во Европа”, објаснува д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Македонија.

„Како еден од најдокажаните економични начини за заштита на здравјето, имунизацијата е корисна за сите, насекаде во светот. Вакцините се колективно јавно добро, така што за сите луѓе треба да се обезбеди правичност во поглед на нивниот пристап до и користа од вакцините. Доколку се случи да биде запоставена рутинската имунизација заради состојбата со КОВИД-19, последиците ќе се чувствуваат уште долго откако ќе заврши пандемијата. Благодарение на години и години напорна работа во насока на обезбедување сите луѓе да бидат заштитени преку вакцинација, сè поблиску сме до елиминирање на неколку болести како што се на пример малите
сипаници, но за да се заштити ваквиот напредок по секоја цена мора да се одржува висок опфат со имунизација преку рутинска вакцинација. Среде пандемијата на КОВИД-19, вакцинацијата претставува критично важна интервенција за ставање крај на пандемијата по што конечно ќе можеме да бидеме поблиску едни до други“, вели Тавила.

Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава, пак, истакнува дека после цела една година на затварања, празни училници и откажани собирања на семејствата, луѓето низ целиот свет почнуваат да добиваат вакцина против КОВИД-19 или се во очекување на тој момент.

„Сите знаеме дека вакцините против КОВИД-19 се најголемата надеж што ја имаме дека ќе ни се врати нормалниот живот и дека повторно ќе можеме да бидеме блиску едни до други. Тие се исто така важен потсетник за критично важната улога што ја имаат другите вакцини, вклучувајќи ги и рутинските вакцини за децата, кои ни го овозможуваат нашето секојдневно функционирање“, вели Ди Џовани.

Министерството за здравство и канцелариите на СЗО и УНИЦЕФ во заедничкото соопштение по повод Европската недела на имунизација, истакнуваат и дека КОВИД-19 наруши голем број услуги. Но, она што радува, се вели во соопштението, е фактот што интересот за рутинска имунизација на децата и самото нејзино спроведување останаа во најголем дел несмалени.

Погрешните информации и дезинформациите, стои меѓу другото, може да предизвикаат колебливост во поглед на вакцините и на тој начин да претставуваат пречка на патот кон посакуваниот делотворен вакцинален одговор на пандемијата.

Во борбата против КОВИД-19, партнерите повикуваат на поголема ангажираност во насока на обезбедување пристап за граѓаните до информации и совети од веродостојни извори.

Отворените и објективните комуникации им помагаат на луѓето да донесат издржани одлуки, засновани на нивна добра информираност, како и да ја разберат важноста на вакцинацијата како најделотворен начин – заедно со мерките како идентификување на контактите на заразените, одржување физичка дистанца, носење маска и миење раце – за ставање крај на пандемијата.