Ватикан претстави „еБројаница“

Католичката црква ја претстави „еБројаницата“, најновата технолошка направа за верниците.

Станува збор за „моден детал“ кој може да се носи како нараквица, а којшто се активира кога со раката ќе направите крст.

Модерната бројаница поврзана е со апликацијата „Со клик до молитва“, направена за да можат верниците полесно да се молат за мир во светот.

Апликацијата следи колку корисникот напредува, а содржи визуелни и аудио објаснувања како се користи бројаницата.

Традиционалните бројаници се користат за помош во молитвата – верниците ги бројат јазлите додека ја кажуваат молитвата.

Електронската бројаница ја сочинуваат 10 црни јазли, направени од хематит, со метален крст којшто детектира движења.

„Овој проект го спојува најдоброто од црквената духовна традиција и технолошкиот свет“, се наведува во соопштението од „Со клик до молитва“.

Бројаницата ја разви компанијата од Тајван, „ГаџТек Инк.“ (GadgTek Inc.)

Инаку, бројаницата е водоотпорна, а може да се користи и на андроиди и на иОС оперативни системи.

Ова не е првпат католичката црква да се обидува со технологија да ги привлече младите.

Христијанската верзија на многу успешната апликација „Покемон Гоу“, покрената во 2018 година, наречена е „Следете го ИС Гоу“ („Follow JC Go“).

Играчите наместо Покемони „фаќаат“ светци и ликови од Библијата.

 

(Извор: Би-Би-Си)