Видеоразговор на претседателот Пендаровски со македонските мировници низ светот

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски денеска преку видеоврска разговараше со припадници на Армијата, распоредени во меѓународните мировни мисии „Одлучна поддршка“ во Авганистан, КФОР во Косово, Алтеа во Босна и Херцеговина, ЕУТМ-РЦА во
Централноафриканската Република и УНИФИЛ во Либан.

Во разговорот, припадниците на мисиите го информирале претседателот Пендаровски за начинот на извршување на нивните должности и за тековните активности.

Како што соопшти кабинетот на Пендаровски, сите поединечно истакнале дека се во добро здравје, мотивирани и многу добро прифатени, како од командантите на мисиите, така и од нивните колеги од другите земји учеснички во мисиите.

Претседателот Пендаровски истакнал дека со професионалното извршување на своите задачи, нашите мировници даваат значаенпридонес во колективниот систем за безбедност.

„Во разговорот претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Пендаровски истакна дека 2020 година имаше историско значење за Армијата, со полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, чин што е признание за сработеното во одбраната, вклучувајќи го и придонесот во меѓународните мировни операции во изминатите годин“, стои во соопштението од кабинетот на шефот на државата.

Посакувајќи им добро здравје во новата 2021 година, претседателот Пендаровски на припадниците на Армијата распоредени во меѓународните мировни мисии им посакал и успешно извршување на должностите и безбедно враќање дома.