(ВИДЕО) Пендаровски за Ал Џезира Балканс: Освен сојуз со ЕУ, неприфатливи се алтернативни форми на партнерство

„За нас не постои подобра алтернативa од интеграцијата во ЕУ и затоа сите други опции за стратешки или специјални партнерства се невозможни и неприфатливи, истакнува претседателот Стево Пендаровскиво интервју за Ал џезира Балкан.

„Алтернативи има колку сакате, опции колку сакате, меѓутоа поодржлива, поефикасна за нас на оваа географска локалција на Балканот со ваква  хетерогена структура на популацијата не постои. Тоа го покажуваат сите објективни и реални анализи. Се спомнуваше дека ние сме дел од некакво соседство. Соседството во однос на ЕУ е друга категорија, сосема друг статус на држави. Соседи на ЕУ се централноазиските држави или северноафриканските држави, тој појас. Ние не сме соседи, ние сме  структурно и географски, но и институционално дел од Европа. Дали ќе бидеме членки и кога ќе бидеме зависи од исполнување на критериумите.

Меѓутоа ние не сме соседи, целиот Западен Балкан не е третиран како сосед на ЕУ, туку како дел од ЕУ односно дел кој еден ден ќе биде дел и од институционална Европа, изјави Пендаровски.

Неприфатлива, вели, е и идејата за специјални партнерства на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

„Тоа повторно не е членство. Ние не можеме да се залажуваме со посебни партнерства. Нам ни треба Европа заради вредности, не ни треба само заради пазарот. Нас ни треба принципите по кои се уредуваат успешните општества да ги усвоиме како наши за да просперираме. Со овие алтернативни форми на усојузување ние не можеме да просперираме, оценува шефот на државата.

Таквите опции, како што посочува, освен Франција и уште една до две други земји, никој не ги спомнува. Предупредува и на се уште нерешените проблеми на Балканот поради што ЕУ мора да биде постратешки орјентирана кон регионот.

– На Западниот Балкан работите се далеку од завршени. Таа таканаречена пацификација на регионот не е завршена. Косово се уште не е решено, не знаеме кога ќе биде, големите сили се подготвуваат да влезат во следна подинамична фаза на решавање на тој проблем. Меѓутоа знаеме колку е тешко решавањето на тој проблем, колку товар носи на двете страни инволвирани и можеби ќе донесе опции на маса кои нема да бидат добри за иднината на регионот. Нашиот став во однос на тоа прашање е дека не смеете да затворате еден голем проблем во регионот, а да отворите два или три нови. Добро е ЕУ да биде малку постратешки ориентирана кон Западниот Балкан и да не спомнува алтернативни партнерства во време кога сите крупни отворени прашања на регионот не се затворени и кога од евентуалното затворање на тие крупни прашања може да се доведе во прашање иднината на целиот регион кој е турбулентен за жал децении па и со векови, истакнува Пендаровски. Прашан дали по одлуката на европските лидери да го одложат отворањето на пристапните преговори, граѓаните се чувствуваат излажани, особено во контекст на Преспанскиот договор и промената на името што требаше да ги отвори вратите за НАТО и ЕУ, шефот на државата потврдува дека тоа е доминатно чувство во земјава.

Но, сепак, вели, Договотот од Преспа и промената на името не е без ефект, решен е долгогодишниот проблем со Грција и наскоро влегуваме во НАТО.

– Целата работа не е завршена. И знаете од кои причини бевме одбиени сега. Меѓутоа факт е дека во историска смисла , во стратешка смисла, во која сакате смисла, членството во НАТО за една балканска држава е многу поприоритетно од членството во ЕУ, зборувам за актуелниот политички и безбедносен миг. Многу е битно да ја имате обезбедено територијата, границите, да имате 29 други кои заеднички со вас ќе се борат против заканите отколку да бидете сами. За една мала држава како што е нашата по сите параметри многу е битно што наскоро стануваме членка на Алијансата. И потоа како битна претпоставка одиме полесно и побрзо во економски развој. За тоа ни треба ЕУ. Меѓутоа Преспанскиот договор ја заврши големата работа, најголемата работа за НАТО членство, истакнува Пендаровски.

Сепак, додава, ќе беше идеалано ако со Преспанскиот договор го завршевме и вториот дел од задачата – отворање на преговорите со ЕУ.

Прашан дали му пречи „Северна“ во името на државата, Пендаровски одговара потврдно, како и на сите Македонци и на сите граѓани во земјава. Вели дека се уште не може да се навикне, но оти е свесен за реалноста и за интересите на државата, а за тоа, нагласува, емоциите мора да се тргнат на страна.

 

 

ИЗВОР: МИА