Филипче: Празниците Велигден и Бајрам без полициски час

За претстојните верски празници, Велигден и Рамазан Бајрам, сабота кон недела и 12 кон 13 мај, нема да има полициски час и граѓаните ќе можат слободно да се движат, со почитување на мерките за заштита-носење маска и држење дистанца, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Оваа одлука, како и одлуката од среда да се скрати времетрањето на полицискиот час и тој да почнува од 21 часот наместо од 20 и од утре да се отворат летните тераси на сите угостителки објекти, била донесена утрово од Кризниот штаб, а утре предлозите треба да ги прифати Владата.

Филипче напомена дека угостителските објекти за време на верските празници ќе работат до 21 часот.

Во однос на групирањето за време на празниците, министерот рече дека верските лидери зеле обврска сè што може да се организира надвор, тоа и да се стори.

– Со ваков начин на организација и одговорноста на граѓаните ќе нема прекршување на мерките. Едноставно, сите со сопствената одговорност да покажеме дека може да се функционира и во присуство на вирус, рече Филипче.

Тој нагласи дека олабавувањето на мерките се должи на подобрената епидемиолошка состојба.

– Сето ова е резултат на навремено донесените мерки и димензионирањето на целокупниот систем на координација на приемите во болниците, имајќи го предвид и тоа што сега се ослободуваат некои одделенија кои беа дополнително ангажирани со ковид-пациенти.

Генерално, чувствуваме намален притисок, олабавување. Ги следиме трендовите и во околните држави. Овој трет бран спласнува и се надевам со забрзаната вакцинација по Велигден, ќе ја смени сликата за епидемиолошката состојба кај нас, рече Филипче.