„Виз ер“ укинува три лета од Скопје

LinkSense.mk

„Виз ер“ ќе суспендира три линии од својата база во Скопје во наредните денови, до Торино, до Билунд и до Турку.

Последната линија до италијанскиот град Торино е закажана за следната среда, до Билунд во четврток и до Турку во сабота. Летовите треба да продолжат во текот на последната недела од март 2023 година.

„Виз ер“ отстрани голем број рути во текот на зимата од своите бази во земјите од поранешна Југославија, вклучително и од Белград и Тузла, но најавите се дека Сараево ќе има најголемото намалување на летовите, од дури шест дестинации кои ќе бидат стопирани до следната летна сезона.

Авиокомпанијата овој јуни воведе услуги од македонскиот главен град до Торино, додека летовите до Билунд беа отворени минатиот декември. Финскиот град Турку, пак, е дел од мрежата на „Виз ер“ во Скопје од 2019 година.

Превозникот летово се соочи со голем број оперативни проблеми поради недостаток на персонал и капацитет, што го принуди да ги намали фреквенциите низ својата мрежа, вклучително и оние од Скопје.

Извршниот директор на „Виз ер“, Јожеф Варади, го посети Скопје претходно оваа година. Се верува дека превозникот се подготвува да учествува на тендерот на македонската влада со цел субвенционирање на пуштање нови линии, што ги доби во сите три претходни прилики. Тендерските постапки се очекуваше да започнат летово. Во компанијата се разгледуваат можности за летови од Скопје до Словенија, до хрватското крајбрежје, Прага и за обновување на некои линии кои беа прекинати во последните неколку години. Се очекуваат и нови услуги од Охрид.