Винилот во Велика Британија повторно во мода

Продажбата на грамофонски плочи е зголемена минатата година и достигнува ниво каков што не е забележан во последните 25 години.

Продажбата скокна благодарение на големиот успех на албумот на Дејвид Боуви кој почина пред речиси една година, соопшти Британската фонографска индустрија.

Повеќе од 3,2 милиони плочи се продадени во 2016 година, што е најголема продажба од 1991 година и раст од дури 53 отсто во однос на 2015 година.

„После смртта на Боуви на 10 јануари лани зголемена е побарувачката за грамофонски плочи и покрај тоа што љубителите на музиката купуваа и компакт дискови“, наведуваат од британската организација.

Боуви е уметник чии албуми најповеќе се продаваа во 2016 година во Велика Британија.

На прво место е неговиот последен албум „Black star“ кој е издаден два дена пред неговата смрт.