Високо на агендата на Словенија решавање на прашањето меѓу Скопје и Софија

Словенечкиот претседател Борут Пахор вчера изрази надеж дека до октомври, кога Словенија е домаќин на самитот на лидерите на Европската унија и Западен Балкан, може да се постигне компромис, кој ќе ја отвори вратата за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

„Сите ја разбираме сложеноста на овој процес. Посебен акцент е ставен на прашањето за компромис кој би бил прифатен од Северна Македонија и Бугарија. Тоа е еден од ретките мерливи резултати на словенечкото претседавање. Ако успееме во тоа, што нема да биде едноставно, тогаш можеме да кажаме дека сме направиле многу за проширувањето на ЕУ во земјите од Западен Балкан, бидејќи ќе ја зајакнеме довербата во веродостојноста на Унијата, која претходно и вети на Северна Македонија дека доколку ги исполни сите услови поврзани со грчката блокада, ќе добие „зелено светло“ за продолжување на преговорите, изјави словенечкиот претседател по средбата со неговите колеги од Хрватска Зоран Милановиќ и од Австрија Александар Ван дер Белен.

Хрватскиот претседател од своја страна истакна дека на „Северна Македонија не треба и да се поставуваат невозможни услови, кои влегуваат во интимниот простор на нацијата“.

„И околу Западен Балкан, и околу Северна Македонија и Албанија, јас многу јасно кажав пред еден или два месеца, кога е во прашање Северна Македонија, но сега некои работи се изменети. Имаше избори во Бугарија, се надевам дека тоа ќе ја олесни ситуацијата и дека на младиот, новиот и малку економски послабиот кандидат Северна Македонија, нема да и се прават проблеми и да и се поставуваат услови кои се невозможни, односно кои влегуваат во интимниот простор на нацијата, додаде Милановиќ.

Шефот на словенечката држава објасни дека е многу важно, геополитичко прашање проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, во спротивно, според неговите претходни ставови, „некои други играчи ќе влезат во тој простор на југозападна Европа“.

Тоа го потврди и австрискиот претседател Ван дер Белен, кој смета дека „тоа е еден од приоритетите, пред се, поради историски, економски и семејни причини“, нагласувајќи дека тоа е важно прашање за Австрија.

Како што рече вчера словенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан, Словенечкото претседателство со ЕУ високо на својата агенда ќе го стави решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија.

Предан, презентирајќи ги приоритетите на претседавањето на Словенија пред пратениците, рече дека веќе остваруваат интензивна комуникација со Софија, но не ветуваат политички чуда дека ќе се реши спорот до декември. Словенија ги разбира нашите црвени линии, ќе ги разгледа и барањата на Бугарија и нивна стратегија, како претседавачи со ЕУ, е да се дојде до решение при што прашањата на идентитетот и јазикот да бидат ставени на страна, а процесот на интеграција на земјава да се да се придвижи, при што во процесот на на преговори ќе има време за решавање на прашањата. Во меѓувреме, претседателот на Собранието Талат Џафери вчера најави дека предложената Резолуција од ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија е примена во Парламентот и оти би можела да се најде на дневен ред на наредната седница.

Словенечкиот амбасадор  во обраќање на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања во Собранието, рече дека Словенија ќе настојува да се добие што е можно поскоро јасна слика за одредени позиции и не би сакале да чекаат до декември, туку доколку е можно порано да го решат ова прашање.

Според словенечкиот амбасадор, потребна е политичка волја и прагматизам од двете страни. Тој нагласи дека не можат да ветат политички чуда, бидејќи, како што рече, во меѓународната политика тоа што можеме да го ветиме е напорна работа, тивка дипломатија.

Предан најави дека една од поважните приоритети на претседавањето на Словенија ќе биде проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

„Тоа ќе биде многу високо на нашата агенда. Нашиот главен настан на високо ниво што планираме да го направиме ќе биде Самитот ЕУ – Западен Балкан, на Брдо на 6 октомври и искрено се надеваме дека тогаш веќе ќе имаме, ако не одлука, барем една чиста перспектива, односно чисто гледиште како прашањето меѓу Софија и Скопје може да се реши, истакна Предан.

Амбасадорот посочи дека Словенија, по обидите на двете претходни претседателства, на Германија и на Португалија, ќе направи трет обид да се реши прашањето меѓу Скопје и Софија, согледувајќи ја политичката ситуација во соседството, и изразувајќи надеж дека Софија набрзо ќе формира нова Влада.

„Во овој момент не можам да навлезам подетално. Свесни сме за вашите црвени линии, треба да видиме со нашите пријатели од Бугарија каде тие, односно како ние можеме да ги акомодираме нивните барања. Ние сега како претседателство мора да покажеме одредена неутралност. Клучното прашање не е кој е во право во овој спор, туку како да дојдеме до решение кое што двете страни ќе го презентираат пред својата јавност и да добијат некој генерален договор. Тоа е решението, оцени Предан.

Според него, предлогот на португалското претседателство, којшто веќе е предлог на Претседателството, е добар балансиран предлог што се грижи за двете страни и оти во решавање на ова прашање добрата страна е што не се почнува од нула.

„Исто така, се потпираме на двете страни дека тие ќе ги потиснат своите емоции затоа што ни треба одредено ниво на заедничка доверба за да стигнеме до договор, и во тој случај мислам дека со сите овие документи што се подготвени можеби има шанса тоа да се постигне, да дојдеме, да стигнеме до решение до Самитот во Брдо на ЕУ и Западен Балкан. Дури за мојата земја Словенија, знаеме дека имаме 30 години одлични односи, мислам дека свесни сме дека ќе имаме политички капитал за следните 20 години. Тоа е уште една мотивација за нас знаејќи дека не се работи само за Северна Македонија, туку се работи за целиот регион, рече Предан.

Тој е оптимист дека би можел да се постигне некој договор и во заедничката Комисија за историски прашања.

„Мислам дека дебатата ќе се смири меѓу двете земји и дека ќе се постигне некој договор, дури и во рамките на историската комисија ќе биде направен напредок и нашата стратегија е дека мораме да дојдеме до решение при што сите овие прашања на идентитетот, јазикот мора да бидат ставени на страна, а процесот на интеграција да се придвижи и ќе има доволно можности за време на процесот на преговори да се решат дел од овие прашања. Знаете дека ЕУ мисли дека не треба да се вклучуваат билатералните прашања во процесот на интеграција и на тоа ќе мора да работиме, како да акомодираме одредени барања на соседните земји, рече Предан.

Тој на крајот додаде дека за имплементација на Добрососедскиот договор веќе има некои идеи на маса, без да навлезе во детали, оставајќи го тоа, како што рече, на тивката дипломатија.

„Знам дека сте уморни од ветувања и не сакаме да направиме следниве шест месеци да бидат повторно ветувања коишто нема да можеме да ги исполниме. Тоа е тоа што имав јас да го кажам од моја страна, заклучи словенечкиот амбасадор.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека го разбира разочарувањето на граѓаните во изминатите месеци, поради неотворањето на преговорите за членство. Тој ги поздрави сите напори на претходните претседателства во однос на отворањето на преговорите, истакнувајќи дека ќе ја поддржат и Словенија, за што побрзо да се дојде до одлуката.

„Европската перспектива за Северна Македонија не е доведена во прашање. Сите лидери на земјите-членки на ЕУ и сите институции на Унијата потврдуваат дека нема друга алтернатива за С Македонија од влезот во Европската Унија. Сите заедно треба да работиме за да ги решаваме отворените прашања и да ги почнеме преговорите што е можно поскоро. Секој чекор во имплементација на реформите поврзани со ЕУ е еден чекор поблизу до Унијата. Реформите не се само за ЕУ туку се во интерес и на граѓаните, рече Гир.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи истакна дека преземањето на водството со Советот на ЕУ, од страна на Словенија доаѓа во многу важно време за самата ЕУ која продолжува да се соочува со бројни предизвици, меѓу кои и застојот на политиката на проширувањето и на потребата за реафирмација на европската перспективата за земјите од регионот на Западен Балкан.

Тој нагласи дека во периодот кој е пред нас, ќе продолжиме да продуцираме резултати од реформите со ЕУ предзнак кои се во полза на нашите граѓани како и да вложуваме во добрососедските односи бидејќи на крајот единствена непроменлива константа е географијата и таа не може да ја промениме.

„Само со мал поглед на мапата на Европа, станува логично и јасно дека регионот навистина преставува делот што недостасува за обединување на континентот. Тоа неминовно ќе се случи, порано или подоцна, рече Османи, изразувајќи надеж дека ќе се скрати непотребното одложување што е од заеднички интерес.

Словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, коешто почна од 1 јули, се базира врз четири приоритети – отпорност, опоравување и стратешка автономија на ЕУ; Конференција за иднината на Европа; eвропски начин на живот, владеење на правото  и еднакви критериуми за сите; кредибилна и сигурна ЕУ, способна да обезбеди безбедност и стабилност во нејзиното соседство.

Во исто време, претседателот на Собранието Џафери вчера од собраниска говорница соопшти дека предложената Резолуција од ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е примена во Парламентот и дека најверојатно материјалите за неа ќе бидат испратени до пратениците и таа би можела да се најде на дневен ред на наредната седница.

„Резолуцијата е примена во Собранието и е во изготвување да се распредели до сите пратеници. Согласно Деловникот, за актите за коишто не се распределени до пратениците не може да се отпочне собраниска постапка. Се надевам дека до наредната седница ќе биде спремен целиот материјал. Не е започната законската постапка за соодветниот документ, рече Џафери одговарајќи на процедуралната забелешка на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој на почетокот на 46. седница побара Резолуцијата да биде ставена на дневен ред.

Мицевски рече дека во јавноста имало голем интерес за овој документ.

„Оваа резолуција која што предизвика голема заинтересираност на македонска јавноста и можност да продискутираме во македонското Собрание во контекст на блокадите на европските интеграции. Оваа Резолуција е добар документ затоа што би имала обврзувачко дејство согласно волјата на пратениците, а за Владата би значело оцртување на лошите рамки во коишто таа смее да разговара но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси, рече тој.

ВМРО-ДПМНЕ бара Резолуцијата, која има поддршка од поголемиот дел политички партии застапени во Собранието, да биде обврзувачка за секоја следна влада, да се преговара рамноправно и да не се условува и да се почитува македонскиот јазик, идентитет и историја.

Пратеникот Антонио Милошоски завчера изјави дека содржината на резолуцијата е сериозна и натпартиска и добро е да биде поддржана од сите, апелирајќи до СДСМ да се сконцентрираат сите на нејзината содржина и побрзо да биде ставена на дневен ред во Собранието.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме Резолуцијата да биде црвената линија на Република Македонија на нашиот национален и етно-културен идентитет, што ќе биде обврска за секој идна влада да нема пазарџиска дипломатија со Бугарија, изјави Милошоски.