Вкупно 52 години затвор за обвинетите за убиството на ракометарот Денис Тот

LinkSense.mk

Кривичниот суд во Скопје ги огласи за виновни Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски, обвинети за убиството на ракометарот Денис Тот што се случи на 7 април годинава пред ноќен клуб во Градскиот парк, и им изрече затворски казни.

Ѓорѓиевски и Левковска добија по 18 години затвор, а Костовски 16 години.

Осудените сега имаат право на жалба до Апелациски суд Скопје.

Анџело и Клементина, рече судијката што претседаваше со Советот, имале поголем придонес во извршувањето на дело. За Анџело наведе дека и прв ги задал удрите кон Тот, а Клементина, која најмногу го удира, судијката ја опиша како „крајно упорна“.

Покрај затворската казна, судот определи и надомест на штета за семејството на убиениот ракометар, и тоа по 9 милиони денари за мајката и таткото и 8 милиони денари за братот на Денис Тот.

Судскиот процес траеше помалку од три месеци. Започна на 5 септември со воведни зборови на обвинителството и на одбраната.

Застапникот на обвинителството тогаш го опиша кобниот настан, напоменувајќи дека расправијата на тројцата обвинети со ракометарот почнала во такси-возило, а продолжила надвор од него. Потоа преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, од кои паднал на асфалтот, а додека лежел бил, исто така, удиран. Кај Тот било констатирано нагмечување на мозокот, од што тој следниот ден починал.

Тројцата обвинети во своја одбрана вела дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати во воведните зборови настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.

Во судница се сослушаа повеќе сведоци. Се појави и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.

Сведочеа и вешти лица, од Судска медицина и психијатар, кои ги оценуваа повредите што му биле нанесени на момчето и постапките на обвинетите за неговото убиство. Првите истакнаа дека повредата на р’бетниот мозот била фатална за ракометарот, а пак вториот говорејќи за психичкото здравје на Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски посочи дека тие, во време на настанот, биле со запазено психичко здравје и, како што објасни, можеле да ги разберат своите постапки и да раководат со нив и да ги претпостават последиците.

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: 360 степени)