Попусто ѕидаме кули и градови, подигнуваме згради, училишта и градинки, ако природниот наталитет на населението е недоволен да го зголеми прирастот на еден народ, вели во своето Божиќно послание, Владиката Петар.
Тој истакна дека според денешната состојба на нашиот наталитет, сите тие градби за брзо време ќе зјаат празни и напуштени.
„Црквата наша, заедно со државата и институциите во неа, должна е да најде начин за зголемување на наталитетот меѓу Македонците, зашто токму кај Македонците е најзагрозен наталитетот т.е. раѓањето деца. Решавањето на овој акутен проблем во Македонија, не смее да трпи одлагање, зашто денешната негрижа околу наталитетот и воспитувањето на нашите деца, утре уште повеќе ќе ни се одмазди“, рече Владиката Петар, Митрополит Преспанско-Пелагониски.
Патем, посочи дека пропаѓањето и исчезнувањето на еден народ, започнува со пропаѓањето и уништувањето на семејството, кое е основна ќелија на заедницата.
„Ние, пак, како свештенослужители, јавно од секој црковен амвон и при секоја прилика, треба да ги повикуваме македонските мајки да останат доследни на аманетот на нашите претци, светата должност, раѓање и воспитување на деца; а не на убивање преку абортуси и спречување на бременоста со контрацептивни средства. Тоа не смеат да го дозволат Македонците и Македонките, заради егоистични побуди и комфорен живот, да станат гробари на нашата Црква и нација“, спомена, меѓу другото, Митрополитот.
Тој дополни дека и нашата држава, по примерот на други земји, треба да формира министерство за семејство, кое ќе се грижи за иднината на нацијата, државата и Црквата.







