Делегација на Владата на Македонија, денеска, по повод шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот на гробиштата Бутел.
Делегацијата ја предводеше министерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, а го придружуваа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-министерот за образование Агим Нухиу.
Годинава се одбележуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес што се случи во Скопје на 26 јули, 1963 година. Во земјотресот градот загуби многу сограѓани, претрпе ненадоместлива штета, но ја извојува битката со најголемата природна катастрофа.
На денешен ден оддаваме должна почит кон жртвите во земјотресот и изразуваме огромна благодарност на сите од целиот свет кои помогнаа градот повторно да биде обновен и да заживее со нов лик.
Скопје стана град на солидарноста, препознатлив по тоа што ги обедини светските пораки на сочувство и споделување со болката и загубата на нашите сограѓани.
Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и Претседателот на Македонија, делегации од Собранието на Република Северна Македонија и од Градот Скопје, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Македонија.
По повод 26 јули, денот на сеќавањето на катастрофалниот земјотрес, Министерството за култура и Владата на Македонија денеска организираат мултимедијална програма симболично насловена „Скопје во пет и седумнаесет“, со која преку низа културни настани ќе се одбележат спомените на последиците од катастрофалниот земјотрес.







