Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот, Дејвид Гир, по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2023 година, посочи дека Македонија има нула назадувања, и дека владата ги прифаќа укажувањата и ги смета за важен показател за она што се случува и за она што треба да се направи.
Според Маричиќ, во најголем дел од поглавјата сме со соодветно ниво на подготвеност. Како што рече, оценката за вкупната подготвеност на државата за 2023 година е „добро ниво на подготвеност“ и е солидна константа веќе неколку години наназад.
Но, посочи дека одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Македонија во ЕУ го става во неизвеснот и реформскиот процес.
Според него, прифаќањето на уставните измени останува предуслов кој не можеме да го прескокнеме. Тука, појасни, нема никакви дилеми дека одлуката е само во наши раце.
„Лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција е дека Македонија има луксуз да чека или дека може да постигне подобар договор во иднинна. Уверен сум дека со национален консензус и со максимално вложување на Владата како носител на преговорите, но и на сите засегнати страни можеме да ја исполниме заложбата дабидеме подготвени за членство во ЕУ до 2030 година“, истакна Маричиќ.
Во своето излагање потенцираше дека е важна констатацијата на Комисијата дека процесот на скринингот се одвива непречено, успешно и дека земјата и Владата покажуваат високо ниво на посветеност.
„И покрај опструкциите на опозицијата кои се нотирани во извештајот, Македонија се бори и продолжува да ги исполнува условите за продолжување на преговорите за членство“, додаде вицепремиерот.
Како што посочи, во делот на Кластерот „Фундаментални вредности“, Европската Комисија констатира дека Македонија продолжила со напорите за зајакнување на демократијата и ја покажала својата посветеност да испорача резултати.
„Како заменик претседател за европски прашања и главен преговарач, ја потенцирам констатацијата на Комисијата, која ја споделуваме и ние дека ‘Владата и администрацијата мобилизираа значајни ресурси и активно учествуваа во скрининг процесот’. Скрининг процесот ни ја дава основата за дефинирање на идните реформски приоритети од ЕУ агендата, кои треба да се спроведуваат и за кои неминовно е потребен широк општествен консензус. Во таа насока работиме на подготовка на патоказите за владеење на право, реформите во администрацијата и функционирањето на демократските институции“, рече Маричиќ.
Сè што е наведено во Извештајот, според вицепремиерот, ни било добро познато и силно се работело на решенијата.
„Пример за тоа дека предизвиците се детектирани од наша страна и дека на нив работиме за да најдеме соодветни решенија, е работата на Судскиот совет. Ние го согледавме проблемот во функционирањето на Судскиот Совет и затоа побаравме оценска мисија од Европската Унија, која веќе е во тек. Сега ги очекуваме наодите и препораките и останува секоја соодветна институција во рамките на своите надлежности во правосудството, да ги имплементира“, додаде Маричиќ.
Во делот на функционирањето на демократските институции Европската Комисија, вицепремиерот посочи дека се укажува на потребата да се донесат уставните измени, како и обврските од Дијалогот „Жан Моне“.
„Во однос на основните човекови права, останува оценката на Европската Комисија дека правната рамка е генерално усогласена со стандардите на ЕУ. Предизвиците остануваат во делот на јакнење на капацитетите на независните тела (Народен правобранител, Комисија за заштита и спречување од дискриминација), унапредување на правата на лицата со посебни потреби, и особено во подобрување на состојбите во затворите и притворите“, заклучи Маричиќ.
А, пак, во однос на економските критериуми, наведе дека наводно имало добро ниво на подготовка во развојот на функционалната пазарна економија. Иако во 2022 година, економијата била тешко погодена од последиците од руската агресија против Украина, сепак Македонија, како што рече, успеала да обезбеди финансиска и макроекономска стабилност.
Во своето обраќање додаде и дека препораките во Извештајот ќе користат како основа за спроведување на реформите за следниот период.
„Целосно сме свесни дека следната година е изборна година, во земјата ќе се случат собраниски и претседателски избори… Но, исто така, избори ќе има и во Европската унија… избори за нов ЕП и целосно нова раководна структура на Унијата. Затоа, повикувам, сега е моментот да ја зграбиме понудената шанса и да пристапиме кон отворената врата. Сите политички субјекти треба да ја преземат одговорноста. Да се покажеме достојни на предизвикот за да го направиме новиот чекор за поблиску до евроинтеграцијата“, заклучи вицепремиерот Маричиќ.
(Фото: „Независен“ / Б. Грданоски)







