Еден од најголемите виртуози на гитара од поранешните југословенски простори па и Европа, Влатко Стефановски, препознатлив по својот посебен стил на фузија на музички стилови, комбинирајќи македонски традиционални и неправилни ритми и рок звук, на 19 ноември ќе одржи концерт во германскиот град Офенбах.
Изведбите на Стефановски ќе ги пополнат В3 Трио, и со додаток на две гитари и тапани дополнително ќе се засили рок концертот којшто се подготвува.
„Стефановски и В3 Трио ќе спојат наизглед неспоиви работи како што се инструменталниот рок, етно џез и џез фусион, произведувајќи интересни и преубави звучни пејсажи“, се наведува во соопштението за концертот.
„Задоволство ми е да настапам во Германија и тоа со подмладен состав, со В3 Трио, млада ритам секција која ја сочинуваат Иван Кукиќ на бас гитара и мојот син Јан на тапани. Без оглед на годините, тие двајца звучат неверојатно младо и ентузијастично, и нивната енергија ми дава ветар во грб. Драго ми е што соработував со нив и на последниот албум. Прекрасно е чувството да свирите со луѓе кои се стално насмеани. Се надевам дека публиката ѓто ќе дојде на концертот ќе ужива и ќе си замине задоволна и исполнета“, вели Стефановски.
Познатиот македонски музичар, уште како млад ја основа, сега веќе култната група „Леб и сол“. Заедно снимија 13 албуми, а после распаѓањето на групата, Влатко прави исклучително успешна самостојна кариера.
Во својот богат опус Стефановски може да се пофали со многу успешни соработки со реномирани светски музичари.
После многу успешниот акустичен албум „Мајчин јазик“ (Mother Tongue), Влатко Стефановски одлучи да се врати на звукот и атмосферата од седумдесетите години од минатиот век.
„Тафталиџе мешај“ (Taftalidze Shuffle) е новото издание на македонскиот музичар кое го објави минатата година, а деветте песни снимени во неговото студио „Есотериа“ сигурно ќе ги развеселат сите љубители на добрата музика.
„Влатко овој албум, како и многуте до сега, ги посвети на своето Скопје и на својата населба Тафталиџе која има посебно место во неговото срце“, се наведува во соопштението.
Песните се интимни и лични, а пак така блиски на сите, токму заради сензибилитетот кој го носи неговата музика. Музиката, текстовите и аранжманите, како и продукцијата на сите девет песни ги потпишува токму Влатко.