Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува македонската влада дека не сторила ништо за државата, што впрочем, велат, дека било нотирано во најновиот извештај на Европската комисија. Во него, истакнуваат тие, бил констатиран недостаток на каков било напредок во дури 35 области.
„Има причина зошто Димитар Ковачевски повеќе би сакал да зборува за опозицијата, отколку за Извештајот на Европската комисија. Има причина и зошто Бојан Маричиќ ќе зборува за собраниски процедури, од чиј надзор Владата бега, а нема да зборува за забелешките од Извештајот. Тоа е затоа што овој Извештај ја обелодени системската негрижа на владата за спроведување на реформите. На сите сега им е јасно дека кај владата во Македонија нема сериозна и суштинска посветеност на реформите за кои само зборуваат“, се наведува во партиското соопштение испратено до јавноста.
Во извештајот, велат, се гледало дека со години не се обрнувало внимание на клучните области кои и се проблем на Македонија.
„Европската унија и забележува на владата дека сите препораки од минатата година не се адресирани во доволна мера, особено во делот на реформата на јавната администрација, дека во неа нема напредок, а Македонија е само умерено подготвена. Извештајот забележува и дека не е постигнат значителен напредок во однос на децентрализацијата на услугите и реорганизацијата на надлежностите меѓу централно и локално ниво“, стои, меѓу другото во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува и за стагнација во економијата, дека Унијата и забележувала на Македонија за лошата состојба во општеството, заради високата инфлација, високи цени на храната и енергенсите и за лошата состојба со правосудството и отсуството на борба со корупцијата и организираниот криминал, каде што недостасувале средства и кадровска екипираност.







