ВМРО-ДПМНЕ: Укинувањето на учебниците е талибанизам

„Додека граѓаните собираат потписи за организирање референдум против дигитализација на учебниците, Царовска упорна во своите намери не се откажува од реформата која предвидува укинување на учебниците. Учениците станаа заложници на бизнис интересите на Мила Царовска“, се наведува во денешното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Кога ќе каже Царовска реформа, мисли на профит и полнење на џебот од тие самопрогласени реформи, обвинуваат опозиционерите.

„Исфрлање на учебници од образованието не е реформа, туку талибанизам“, се наведува меѓу другото во соопштението.

Арогантната министерка Царовска го дефинирала отпорот кон наметната реформа како огромна поддршка и со тоа продолжувала да ги омаловажувa граѓаните, сметаат од партијата.

Царовска, додаваат, јавно кажува дека дигитализацијата ќе биде тестирана на учениците од IV одделение без притоа да и одговори на јавноста колку пари ќе чини оваа реформа.

„Во текот на своето владеење Царовска е убедливо еден од најнеуспешните министри во владата на СДСМ и време е да си поднесе оставка!“, стои како заклучок во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.