Вол стрит: Оптимизмот го надјакна стравот од „омикрон“

LinkSense.mk

Оптимизмот на инвеститорите на Волстрит, поттикнат од оценката дека ризикот од „омикрон“, новиот вид на корона вирусот, можеби не е толку голем како што се стравуваше, денеска се прелеа на берзите низ Азија и Пацификот, кои значително закрепнаа од вчерашниот голем пад.

Индексот на берзата во Хонг Конг, Ханг Сенг, порасна за околу 2.0 отсто, поттикнат од растот на цените на акциите на казината и компаниите за недвижнини, како и на технолошките компании.

Кинескиот технолошки конгломерат „Тенсент“ (Tencent) забележа пораст на вредноста од 2.68 отсто, а „Али Баба“ (Alibaba) за 10.38 отсто, откако претходниот ден тргувањето го затвори со загуба од речиси 6.0 отсто.

За берзите во Кина, пак, ова не беше успешен ден, бидејќи индексот Шангај композит напредуваше само за 0.12 отсто, додека индексот Шенжен падна за 0,48 отсто.

Спротивно на тоа, јапонскиот Никеи 225 скокна за 2.2 отсто, а подиндексот Топикс скокна за 2.0 отсто. Акциите на „Софтбанк“ (Softbank) го надоместија падот од понеделникот, кога потонаа за повеќе од 8.0 отсто, зајакнувајќи денеска за 8.47 отсто.

Во Австралија, Сиднејската берза СиП/АСХ 200 (S&P/ASX 200) порасна за речиси 1.0 отсто, а јужнокорејската Коспи за 0.48 отсто. Најширокиот индекс на азиско-пацифичките акции на МСЦИ (MSCI), без јапонскиот, исто така е во пораст за околу 1.0 отсто.

Акциите на кинеската компанија „Евергранд“, која заглави, закрепна малку по големиот пад вчера. Иако утринава зајакнаа на отворањето на тргувањето, подоцна изгубија динамика, а според последните расположливи податоци се тргуваат по само 0.55 отсто повисока цена.

Компанијата во петокот објави дека не може да гарантира дека ќе има доволно пари за подмирување на обврските кон доверителите и дека ќе се обиде да го реструктуира долгот кон странство. Синоќа на берзата во Хонг Конг беше објавено дека се формира комисија за управување со ризици, која ќе биде одговорна за ублажување и елиминирање на идните ризици за „Евергранд“.

Акциите на Волстрит пораснаа вечерва на крилата на оптимизмот дека „омикрон“ не е толку голема закана како што се мислеше. Индустрискиот индекс Дау Џонс (Dow Jones) скокна за речиси 650 поени, бришејќи ги загубите од претходната недела.

Технолошкиот Насдак композит (Nasdaq Composite) отиде од минус на плус и го затвори тргувањето со добивка од 0,9 отсто на 15.225,15 поени, а генералниот индекс СиП 500 (S&P 500) напредуваше 1,1 отсто на 4.591,67 поени.

Цените на нафтата на берзите пораснаа за речиси 5.0 отсто во понеделникот, бидејќи стравувањата од „омикрон“ стивнаа, а растот продолжи и денеска во азиската трговија.

Американската нафта ВТИ (WTI) поскапе за 1.0 отсто на 70.18 долари за барел, додека фјучерсите на нафтата од Северно Море, Брент, поскапеа за 0.74 отсто, на 73.62 долари за барел.

На девизните пазари, индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американската валута во однос на кошничката со главните ривали, се искачи на 96.224 поени, продолжувајќи го растот од нивото од 96.1 поени постигнато во претходната сесија. Јапонскиот јен дополнително ослабе во однос на доларот во однос на понеделникот и се тргуваше за 113.62 јени за долар.