Европскиот Парламент денеска на дневен ред на пленарна седница треба да стави вонредна резолуција со која повторно ќе побара отворање на преговорите за членство со ЕУ за Македонија.
Резолуцијата треба да се најде на дневен ред на седницата во Стразбур, а дебатата ќе се одржи попладнево.
Европратениците веќе се изјаснија дека Македонија треба да ги започне пристапните преговори со Унијата, а вонредната резолуција доаѓа откако ЕУ не успеа да постигне консензус на последниот самит, пред сѐ поради противењето на Франција.
Денеска Европскиот Парламент би требало да истакне дека жали поради одлуката на земјите членки да го блокираат стартот на преговорите со Македонија.
Во верзијата на Социјалдемократската група се критикува „улогата на претседателот на Франција и други земји членки во овој поглед“.
Пратениците се очекува да им посочат на земјите членки дека Советот треба да понесе одговорност за одлуката, да се однесува согласно сопствените заложби и да се држи до принципот на сопствени заслуги во оценувањето на земјите кандидати.
Предложените амандмани предвидуваат да ја поздрават „одлучноста на Северна Македонија да продолжи да напредува во реформската ЕУ агенда“ како и силно да ја пофали „позитивна дипломатија на Северна Македонија“, посебно во однос на билатералните договори со Грција и Бугарија.







