Перу вчера прогласи вонредна здравствена состојба во поголемиот дел од земјата бидејќи топлотниот бран и обилните дождови доведоа до нагло зголемување на случаите на денга грозница.
Бројот на починати од вирусот во јужноамериканската земја се искачи на 32 оваа година.
Во првите осум недели од годинава заболени се 31.300 лица.
„Перуанската влада го одобри предлогот за прогласување вонредна здравствена состојба во понеделникот, им рече министерот за здравство, Цезар Васкез, на новинарите, неколку часа откако изјави дека избувнувањето на епидемијата на денга било „неминовно“.
„Постојат 20 региони, од 25, во кои што ќе биде прогласена вонредна здравствена состојба поради денга“, додаде тој.
Со декларација се зголемуваат ресурсите во здравствени служби во погодените подрачја.
Денга, која главно се пренесува со каснување од заразени комарци, предизвикува симптоми како што се треска, гадење, повраќање, замор и болки во телото.
Повеќето досега забележани случаи во Перу се на северот на земјата, каде што болниците се веќе преполни.
„Времето создаде совршена почва за брзо размножување на комарците и тие да станат почести преносители на болеста“, рече Васкез.
Минатата година во Перу од денга треска починале 428 лица, а според официјалните податоци заразени биле 269.216.
Од 2023 година, државата се соочува со високи температури и поројни врнежи од дожд поради временскиот феномен „Ел Нино“ што го загреа морето во близина на брегот на оваа јужноамериканска земја.