Вонредна состојба во Сиднеј поради Ковид-19, властите ги засилуваат мерките

Австралиската држава Нов Јужен Велс денеска објави најголем дневен пораст на заразени со коронавирус оваа година, што предизвика посилни мерки за затворање во Сиднеј, а австралиските власти соопштија дека државата е во вонредна состојба што го попречува закрепнувањето на економијата.

Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклиан, најави дека во најголемиот град во земјата, мерките за ограничување на движењето и останувањето дома можат да бидат продолжени по 30 јули.

„Очигледно, бројките не одат во насока на која се надевавме во оваа фаза“, рече Береџиклиан, додавајќи дека нови 136 случаи се пријавени во Нов Јужен Велс.
Во последниот бран на епидемијата, вкупниот број заразени се искачи на нешто повеќе од 1.900 случаи откако инфекцијата во Сиднеј во јуни беше откриена кај возач на лимузина во странска авиокомпанија.

Поради забрзаното ширење на Делта сојот во соседните држави Викторија и Јужна Австралија, властите одлучија дека мерките за ограничување на движењето на повеќе од половина од населението остануваат на сила.

Премиерот на Нов Зеланд, Џасинда Арден, пак, го блокира „патниот балон“ на најмалку осум недели, со што ги затвори своите граници за посетителите од Австралија. Балонот дозволуваше патување меѓу двете земји без карантин.