Вулкан во југозападен Исланд, на полуостровот Рејкјанес, еруптираше вчера во 22.17 часот по локално време по неколкунеделни интензивни земјотреси, соопшти државниот метеоролошки институт.
Длабочината на пукнатината во вулканот е околу 3,5 километри, а лавата тече со брзина од околу 100 до 200 кубни метри во секунда.
Тоа е неколку пати повеќе отколку во претходните ерупции на Рејкјанес во последните години.
Ерупцијата може да се види и од Рејкјавик, кој е на околу 42 километри североисточно од Гриндавик. Меѓународниот аеродром во Рејкјавик, кој се наоѓа во негова близина, остана отворен.
Властите деновиве евакуираа речиси 4.000 жители на рибарскиот град Гриндавик и ја затворија блиската геотермална бања и големата туристичка атракција „Сина лагуна“.
„Предупредување: ерупцијата започна северно од Гриндавик кај Хагафел“, стои во предупредувањето на метеоролошкиот институт.
На првите снимки и фотографии од новинската куќа „РАВ“ јасно се гледа како лавата „блика“ од пукнатините во земјата.
Според најновиот извештај на Исландската метеоролошка служба, интензитетот на вулканската ерупција се намалува откако таа започна. Ова е видливо од сеизмичките мерења.
Фактот дека активноста веќе се намалува не е показател колку долго ќе трае ерупцијата, туку дека ерупцијата достигнува состојба на рамнотежа, пишува „Мет офис“ во својот текст објавен во 3 часот утрово. Интересно е што ваков развој е воочен на почетокот на сите ерупции на Рејкјанес во последниве години.
Утре наутро ќе се одржи состанок на научници за да се процени развојот на ерупцијата во текот на ноќта.
„Ми се чини дека вулканот еруптираше на најлошото можно место. Ова може да биде најлошото сценарио.
Засега ова се само мои претпоставки…. Страшно е, лавата се исфрла до 150 метри во воздухот“, изјави исландскиот експерт за вулкани Торвалдур Тордарсон за „Исландмонитор“.
Пристигнаа првите фотографии и снимки од величествениот природен феномен.
Хеликоптер на крајбрежната стража прелета над вулканот и од воздух ја сними ерупцијата.
(Фото: Кристин Магнусон – АФП / Исландик Мет офис)