Русија денеска изврши ракетни напади врз Киев и други украински градови за време на утринскиот сообраќаен шпиц, при што загинаа три лица, а беа ранети најмалку десетина, соопштија украинските власти, додавајќи дека нападите предизвикале пожари низ главниот град.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека две лица се убиени во Киев и едно во Миколаев, на југот на земјата.
„Уште еден масовен напад врз нашата земја. Шест региони беа под ударот на непријателот. Сите наши служби сега работат на справување со последиците од овој терор“, напиша Зеленски на Телеграм.

„Украинската противвоздушна одбрана соборила 44 проектили и беспилотни летала од вкупно 64 колку што биле лансирани од Русија, во неколку бранови на напади“, рече Валериј Залужни, командант на вооружените сили на Украина.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, кој е во дводневна посета на Киев за да ја нагласи поддршката на ЕУ за Украина, на социјалните мрежи објави фотографија од засолништето.
„Утрото започна во засолништето, додека алармите за воздушен напад се огласија низ Киев“, напиша тој на „Х“.
Борел со највисоките украински функционери разговара за воената и финансиската поддршка на Унијата, како и за напредокот на Киев на патот на реформите во обидот да се приклучи на 27-члениот блок.
Киевските власти соопштија дека најмалку 14 лица се повредени во различни делови на главниот град.
Пожарникарите гаснеа неколку големи пожари, а екипи на Итната медицинска помош работеа на спасување луѓе од катна зграда во областа Голошевски, на југозападот на Киев.

Остатоци од руски проектил оштетија и неколку далноводи што резултираше со прекин на електричната енергија во делови од градот.
Оштетени се околу 40 патнички автомобили и автосервис.
Максим Козицки, гувернер на западниот регион Лавов, изјави дека во градот Дрогобич е погодена фабрика.
Олех Синехубов, гувернер на регионот Харков во североисточна Украина, рече дека руски проектили погодиле нестанбена инфраструктура во Харков, административен центар на регионот.
Цела Украина беше под тревога за воздушен напад повеќе од два часа. Првите експлозии се слушнале нешто пред 7 часот наутро во Киев.
(Фото: Сергеј Супински / АФП)







