Фото: Screenshot/X
Најмалку 7 лица загинаа, а повеќе се повредени во верижни сообраќајни несреќи со над 50 патнички и товарни возила на автопатот „Тракија“, во близина на бугарскиот град Јамбол, јавува NOVA.
Автопатот е затворен во двата правца, а спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до луѓето заглавени во возилата.
Несреќите се случиле во вторникот наутро, меѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, во услови на густа магла и значително намалена видливост.Според главниот инспектор Тодор Мишинев од полицијата во Јамбол, меѓу возилата што се судриле има и цистерни.
„Има заглавени луѓе во автомобилите. Во моментов приоритет се спасувачките активности. Откако ќе завршат, ќе бидат спроведени и истражните дејства“, изјави Мишинев.
Седум повредени се пренесени во болницата во Јамбол. Заменик-директорот Валентин Валчев соопшти дека пациентите се во тешка состојба, со повеќекратни повреди, и се згрижени во шок-собата.
Мобилизирани се сите расположливи екипи за реанимација, хирургија и трауматологија. Бидејќи болницата нема оддел за неврохирургија, пациентите на кои им е потребна таква помош ќе бидат пренесени во други здравствени установи.







