Од 1 декември се менуваат правилата за отворање и продолжување на боледувањата. Периодот во кој матичните лекари можат да одобрат боледување без примена на дополнителни медицински критериуми се намалува од седум на пет дена, а за продолжување ќе се бара соодветна медицинска документација, зависно од дијагнозата.
Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека ова не значи скратување на правото на боледување. Матичните лекари и понатаму ќе можат да одобруваат отсуство до 15 дена, додека за подолг период ќе одлучува лекарска комисија.
Новите правила предвидуваат и олеснувања за пациентите, меѓу кои електронско доставување документација, користење на постојните медицински наоди кај хронично болните и исклучоци од задолжителните испитувања за одредени дијагнози.
Дел од лекарите бараат дополнителни појаснувања, особено за случаите кога пациентите не можат навреме да добијат термин кај специјалист. Фондот најави работилници на 19 и 20 ноември, како и отворена дебата со лекарите за практичната примена на новите правила.







