Во Глазгов почнува историски самит: „Ова е моментот за вистина за светот!“

LinkSense.mk

Пропратен со драматични предупредувања на научната заедница заради ескалација на климатската криза, Светскиот самит за климата (ЦОП26) почнува денеска во 10 часот по локално време во шкотскиот град Глазгов.

На повик на Обединетите нации, претставници на влади од 200 држави ќе разговараат две недели за тоа како шовештвото сеуште може да го запре забрзаното глобално затоплување на планетата и да го задржи на допуштено ниво.

Би-Би-Си јавува дека британскиот премиер Борис Џонсон го опиша самитот како „момент за вистината за целиот свет“.

Во говорот непосредно пред почетокот на самитот Џонсон ги повика светските лидери да го искористат моментот. „Прашањето кое сега сите го поставуваат е сакаме ли да го искористиме овој момент или да го пуштиме само да помине“, истакна Џонсон.

Организаторите очекуваат 25.000 учесници, а меѓу нив се илјадници новинари и активисти за зачувување на планетата.

Организациите за заштита на околината и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изразија жалење за тоа што бројни држави не подготвиле амбициозни планови за борба против глобалното затоплување за две години, од последната конференција на ОН за климата во Мадрид и што многумина одолговлекуваат со отфрлањето на фосилните горива.

На конференцијата за климата ЦОП26 до 12 ноември претставници на влади од целиот свет би требало да дефинираат заеднички политики и мерки како одговор на климатската криза и да ги исполнат ветувањата од претходните состаноци кои се втемелени во Париската спогодба од 2015 година.

Човекот со своето делување е одговорен за загревањето на атмосферата заради растечките емисии на штетни гасови, а последиците се почести и поекстремни временски непогоди. Примери за тоа се неодамнешните поплави во Германија, сушите во Африка и разорните пожари во Калифорнија и Русија.

Борбата против климатските промени е една од главните теми на состанокот во Рим, која ги собра шефовите на држави и влади од групата 20 индустриски најразвиени држави во светот и заврши вчера.

Меѓутоа, надеж дека политичарите собрани во главниот град на Италија ќе испратат моќен сигнал за конференцијата во Глазгов се распрснаа заради несогласувањата на учесниците, заради што во завршната декларација сеуште нема јасен рок за постигнување на „нулта емисија“ на штетни гасови, како ни одговори и определен рок за укинување на субвенциите за фосилни горива.

Земјата е веќе потопла за околу 1.1 степен Целзиусов во споредба со прединдустриските нивоа, а на некои места тие нивоа се и поголеми, на пример во Германија 1.6, пишува германската агенција ДПА.

На париската конференција за климата пред шест години меѓународната заедница се договори дека глобалното затоплување ќе се ограничи на 2 степени Целзиусови, или 1.5. Меѓутоа, до денес стратегиите и плановите кои државите ги поднесоа не се доволни за тоа.

Втората важна тема на конференцијата во Глазгов е финансирање на штети и загуби настанати со глобалното затоплување, најповеќе во сиромашните земји.

Гутереш ги повика членките на групата Г20 да ја исполнат претходната обврска за насочување на 100 милијарди долари годишно како би им помогнале на земјите во развој за да се носат со растечките проблеми поврзани со климатските промени.

Папата Фрањо, кој зачувувањето на планетата го стави во самиот врв на својот понтификат, им упати порака на политичките лидери на идните генерации да им пружат „конкретна надеж“ со донесување на радикални одлуки на претстојниот климатски самит во Шкотска. 

Ватикан испраќа делегација на самитот, но 84-годишниот Папа ќе отсуствува поради операцијата што ја имаше претходно, оваа година.