Во ДУИ нова средба на Ахмети со „огнените“

LinkSense.mk

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска ќе има нова средба со членови на „огнената група“ кои иницираат реформи во партијата. Средбата треба да се одржи во седиштето на партијата во тетовска Мала Речица.

Се очекува на средбата да присуствуваат дел од главните иницијатори, Муса Џафери, Блерим Беџети и Изет Меџити.

Ова е втора ваква средба откако во четвртокот, на 29 септември, Ахмети имаше состаноци со ограноците од Чаир и Сарај, а на нив беа присутни Изет Меџити и Блерим Беџети.

На 24 септември медиумите првпат го објавија писмото со кое функционери на ДУИ, кои се нарекоа „Огнена група“, од раководството на партијата, побараа да запре „војната“ во партиските редови, а одредени функционери од извршната власт за настанатата состојба да понесат одговорност.

Меѓу потписниците на тоа писмо се Изет Меџити, пратеник и потпретседател на ДУИ, актуелниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, Висар Ганиу, градоначалникот на Чаир, Мерита Коџаџику пратеничка, Невзат Бејта поранешен министер и градоначалник на Гостивар, Муса Џафери поранешен вицепремиер и актуелниот заменик-министер за одбрана, Башким Хасани.