Во Македонија пронајдени токсични виршли

LinkSense.mk

Врз основа на добиена известување за пласиран небезбеден производ на пазарот во Македонија – виршли од брендот „Вуди“ (Wudy), кај кои вo земја членка на Европската унија било утврдено присуство на бактерија Листерија моноцитогенес (Listeria мonocytogenes ST 155), Агенцијата за храна и ветеринарство нареди итно повлекување на неколку серии од виршлите.

„Кај компанијата увозник извршен е вонреден инспекциски надзор и утврдено е дека од спорните серии, кои во земјава биле увезени во неколку наврати, во магацините се наоѓаат 3.030 килограми, кои се ставени под службен надзор. Овие количини ќе бидат уништени заедно со количините кои ќе бидат повлечени од пазарот“, информираа од АХВ.

                                                                         Спорните серии на токсичните виршли

 

Информацијата за виршлите, велат, стасала од Италија, после направена лабораториска анализа по појавата на труење предизвикано со патогената бактерија.

Спорните серии од производителот, италијанската компанија „Agricola Trevalli Soc Coap ARL“, во земјава биле увезени преку компанијата „Колид С Тим“ од струмичко Колешино.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство упатија апел до потрошувачите кои ги имаат купено посочените серии од производот истите да не ги употребуваат, односно, да ги вратат на местото каде се купени.

Секоја недоследност во однос на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk.