Во Македонија 32 отсто од полнолетните вакцинарини со една доза

Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено во сите градови низ државата.

Лицата над 16 годишна возраст се вакцинираат и без закажан термин.

Моментно, 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина.

„Заинтересираноста за вакцинација помеѓу граѓаните и натаму расте. Вакцини има доволно, повикуваме на што поголемо вклучување во процесот на имунизација на населението со што заеднички се стремиме кон спречување на проширување на новиот сој на вирусот“, информираат од Министерството за здравство.

Најголем опфат со прва вакцина има во Гевгелија (51 %) и Кавадарци (50.3 %). Во Охрид со првата доза се вакцинирале 48.1 отсто, а во Неготино 47.9 проценти

Во Битола и Ресен, со барем една доза, се вакцинирани 46.3 односно 46.7 проценти. Висока стапка на вакцинираност, со над 40 проценти од населението има во Берово (44.1 %), Пехчево (43 %), Штип (43.1 %) и Валандово (40.5 %).

Помеѓу 30-40 отсто вакцинирани со барем една доза има во Демир Хисар, Велес, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Прилеп, Крушево, Скопје и Пробиштип, а помеѓу 20 и 30 проценти, има во Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струга, Македонски Брод, Струмица, Тетово и Радовиш.

Најниска стапка на вакцинација, од 19.9 отсто опфат има во Гостивар.

 

 

(Фото: МИА)