Во супермаркет во Чешка, во кутии со банани, пронајдени 840 килограми кокаин

LinkSense.mk

Вработените во супермаркет во Чешка пронајдоа дури 840 килограми кокаин во кутии со банани, во вредност од речиси 80 милиони евра.

Се верува дека испораката до продавниците во градовите Јичин и Ричнов на северот на земјата била испратена по грешка, пишува Гардијан.

Рекордната количина на кокаин, која се проценува дека на улица вреди и повеќе од споменатите 80 милиони евра, пристигна во продавниците на 10 јуни спакувана во квадратни пакувања.

Шефот на единицата за борба против наркотици, Јакуб Фридрих, изјави за чешкото национално радио дека се претпоставува дека кокаинот е од Средна Америка и дека полицијата работи со колегите од други земји додека истовремено пребарува други продавници кои добиле кутии од истата пратка.

Полицијата на Твитер објави слики од запленетиот кокаин, велејќи дека истрагата води надвор од Чешка и заради тоа ќе користи меѓународна полициска и судска соработка.

Во 2015 година во супермаркет во Прага беа пронајдени 100 килограми кокаин, а во 1999 година чешката полиција заплени 117 килограми кокаин, кој бил спакуван меѓу сушено овошје во магацин северно од градот.

Неодамна италијанската полиција заплени 4,3 тони кокаин во Трст, вреден речиси 250 милиони евра по „улична вредност. Една од најголемите заплени некогаш во Европа му нанесе тежок удар на озлогласениот колумбиски Заливски клан, најголемиот наркокартел во оваа латиноамериканска земја.

Даиро Антонио Усуга Дејвид, попознат по псевдонимот Отониел, наводниот шеф на Заливскиот клан и „најопасниот трговец на дрога во светот“ минатиот месец беше екстрадиран од Колумбија во Америка, соочен со обвиненија пред три федерални судови. Во истрагата се запленети 1,8 милиони евра во готовина и возила за кои се верува дека биле користени за криумчарење.

Во моментов се распишани меѓународни потерници за 38 лица заради криумчарење на дрога во Бугарија, Хрватска, Колумбија, Италија, Холандија и Словенија.