Во Франција поскапуваат струјата и гасот

LinkSense.mk

Струјата и гасот во Франција од Нова година поскапуваат за 15 отсто. Оваа вест ја соопшти премиерката Елизабет Борн. Доколку немаше државна интервенција, велат од Владата, поскапувањето би изнесувало астрономски 120 отсто.

„Поскапувањето на гасот во просек изнесува околу 25 евра месечно, а на струјата 20 евра, но да не беа ‘рацете на државата’ поскапувањето требаше да биде 180 евра за гасот и 200 за струјата“, изјави премиерката Борн.

Субвенциите за зголемување на куповната моќ ќе ја чинат француската држава следната година 45 милијарди евра, наспроти 30 милијарди оваа година.

Од нив 11 милијарди ќе одат за гас, а пет милијарди за струја.

Премиерката најави „енергетски чек“ за помош на најзагрозените семејства кој ќе изнесува од 100 до 200 евра во зависност од приходите.

Се проценува дека „чекот“ ќе го добијат 12 милиони семејства, што претставува околу 40 отсто од француските семејства. Оваа мерка ќе чини 1,8 милијарди евра.

Ќе им се помогне и на компаниите.

Сите мали и средни претпријатија кои имаат промет помал од еден милион евра и вработуваат помалку од 15 лица, исто така, ќе имаат право на попуст.

Такви фирми во земјава има околу милион и пол.Најсилните веќе на 1 октомври би можеле да добијат субвенција и до два милиона евра.

Во исто време, во земјава започна широка кампања за заштеда на енергија, со цел во следните две години да се заштедат 10 проценти.

Воведен е системот „ековат“ кој ќе ги информира потрошувачите за нивото на потрошена енергија со црвено, жолто и зелено светло. „Црвените“ ризикуваат да бидат исклучени.

Светлечките реклами веќе се исклучуваат од 1.00 часот после полноќ.

Париските власти одлучија да не ги осветлуваат музеите во градот после 22 часот. Ајфеловата кула ќе престане да свети во 23 часот и 45 минути, кога ќе си заминат последните посетители, а не во 1 часот по полноќ како досега.