Во штипскиот регион почнаа полските пожари

– Почна сезоната на палење на стрништата во штипскиот регион по жетвените активности. Пожарникарите се секојдневно на терен. Командирот на ТППЕ-Штип, Тони Атанасов вели дека дневно имаат по две до три интервенции и тоа во атарите на селата Долни и Горни Балван, како и Крупиште.

-Палењето на стрништата создава проблеми не само на пожарникарите, туку во опасност се доведуваат и објекти, овошни и лозови насади, шума и викендици. Апел до инспекторите да излезат на терен, бидејќи со секојдневото палење на стрништата очигледно е дека е потребно да се предупредуваат земјоделците, вели Анастасов.

Во моментов штипската Противпожарна единица, која интервенира на териториите на општините Штип и Карбинци е добро екипирана со вкупно 33 пожарникари, пред околу еден месец добија и донација од фирмата „Кит-го“-Штип. Станува збор за заштитни комбилизони, кои токму при гаснењето на ваквите полски пожари ќе им користат и ќе ги заштитат од огнените јазици.