Враќање на десничарскиот екстремизам во Грција

LinkSense.mk

Пред една година, неонацистичката партија Златна зора беше забранета, а нејзиното раководство осудено на долгодишни затворски казни. Насилните десничарски екстремисти повторно се засилуваат во Грција.

Сликите од едно средно стручно училиште во Ставропули во Солун беа шокирачки. На нив се гледаат млади деца со црни качулки како со железни шипки, ножеви и камења, напаѓаат друга група млади кои делеле летоци пред училиштето против образовната политика на конзервативната влада. Потоа маскираните лица позираат во училишниот двор со рацете кренати во нацистички поздрав.

Насилниот напад пред училиштето во Ставропули се случил на 27 септември. Ова е прва акција од потенцијални наследници на забранетата неонацистичка партија Златна зора. Од пред една година, кога партијата беше забранета, има сѐ повеќе вакви испади во Солун, но и во Атина. Во Илиопули, предградие на Солун, членови на младинската организација на Комунистичката партија на Грција (ККЕ) беа нападнати на сред бел ден со безбол палки и шипки, четворица беа повредени во инцидентот.

Во атинското предградие Нео Ираклио од напаѓачи настрадале активисти на „Здружението против расизам и фашистички закани”. Во Евосмос, друго предградие на Солун, дојде до судири за време на одржување на неонацистичка парада.

Случувањата од Ставропули не се никаков гром од ведро небо, вели за ДВ Константинос Циселикис, декан на Универзитетот Македонија во Солун. Професорот по меѓународно право, миграција и човекови права во нацистичкиот поздрав во училишниот двор гледа тежок удар врз демократскиот карактер на образованието. „За жал во многу училишта има десно-екстремистички групи. Тие се раширени низ целата земја, главно во економски загрозените области, каде што неонацистичките групи можат лесно да регрутираат тинејџери. Уште полошо, некои наставници го толерираат или дури и го поттикнуваат ова регрутирање. Тоа е феномен на кој треба да му се обрне големо внимание”, заклучува професорот.

Пред десет години регионот на Атина беше упориште на грчкиот десен екстремизам. Насиличките групи од партијата Златна зора секој ден напаѓаа и „ловеа” мигранти во центарот на Атина и пристаништето.

Од 2018 година Солун стана упориште на десниот екстремизам, исто и во однос на националистичките протести против решението на долгогодишниот конфликт за името со соседна Македонија со Договорот од Преспа и против признавање на Северна Македонија.

Циселикис е многу загрижен од активизмот на екстремната десница во училиштата. „Поради својата возраст, учениците можат да бидат пофлексибилни и отворени за различни политички идеологии, но мора да ги бараме подлабоките причини за да објасниме зошто од мноштвото, националсоцијализмот е избор за одредена група на млади луѓе“, вели професорот. Блискоста со десноесктремистичката идеологија, која се забележува во Грција и низ Европа преку заедничкиот политички дискурс и медиумите, е сигурно една од причините. „Екстремната десница сее страв од несигурност од каков било вид и, според мене, токму тоа е извор од кој ја црпат својата сила“, вели Циселикис. Според него, во Европа има сѐ поголема толеранција кон новиот националсоцијализам, а на што мора да му се стави крај, бара тој.

По забраната на партијата Златна зора и затворските казни за нејзиното раководство, изминатава година во Грција повторно се засили десниот екстремизам. Циселикис дури смета дека осудата на криминалните групи околу поранешниот партиски шеф Никос Михалолијакос го поплочи патот за уште поекстремни групи, како на пример Пропатрија. „Екстремната десница со осудувањето на лидерите на Златна зора без дилеми претрпе тежок удар, но тој беше возможен само поради тоа што претходно беа легализирани во јавниот простор“, вели тој.

Сега, откако неонацистите веќе не се во парламентот, помалите групации кои милитантно го ставаат под прашање демократскиот плурализам, уште повеќе се радикализираа. „По овие промени Златна зора секако ќе има проблеми да опстане, додека други формации ќе заземат силна позиција во јавниот простор, дури и со цел да основаат нова политичка партија“, тврди Циселикис.

Владеачката конзервативна Неа Демократија моментално се обидува да направи шпага меѓу умерениот десен центар па дури и некои поддржувачи од левиот центар на владата на премиерот Мицотакис од една страна, а од друга страна да ги адресира и десноекстремните. При последната реконструкција на Владата на почетокот од септември, Мицотакис го назначи поранешниот десноекстремен политичар Танос Плеврис за Министер за здравство. По Макис Воридис (Министер за внатрешни) и Адонис Георгијадис (Министер за развој), ова е трет министрр во Владата со десно екстремна позадина. Сите тројца, политичката кариера ја започнаа во десноекстремната и националистичка партија Лаос и сите тројца заедно со министерот за миграција, Нотис Митаракис, исто така десен хардлајнер, служат како врска со десноекстремното милје.

Од избувнувањето на корона-пандемијата се забележува дека антиваксерите и милитантните деснорадикали се на некој начин две меѓусебно поврзани струи. Константинос Циселикис анализира дека десноекстремните во склад со актуелните околности и сосем произволно демонстрираат псевдо-отпор против одредени државни политики. Во случајот со вакцините го користат незнаењето и стравовите на голем дел од населението поврзани со корона вирус, смета професорот.

„Ако постои обврска за вакцинација или последиците за невакцинираните по економскиот и општествениот живот се неповолни, реакцијата во однос на вакцините зазема димензија со силни политички импликации”, вели Циселикис.

На лидерите на десноекстремните групи им успева на таквата реакција да го залепат банерот на нивната групација или да ги претстават како дел од општата деснорадикална идеологија.

„Лицата кои им се приклучуваат тука наоѓаат заштита, идентитет и глас”, вели Циселикис.

„Тоа е опасна парадигма, бидејќи може да стане централен политички проект кој може да ги стави под прашање основните демократски придобивки“.

 

 

(Извор/Фото: Дојче Веле)